X
 19.12.2017 Наука

Најстарите луѓе во Италија пушат и пијат, но ќе живеат подолго од вас - еве зошто

Регионот Чиленто во Јужна Италија е дом на уникатна група на луѓе. Во руралните села во оваа област, помеѓу планините и Средоземното Море, живее една особено извонредна група. Луѓето од оваа група ги поминуваат своите денови на отворено, јадат риба, пушат цигари и пијат вино. Голем дел од нив имаат и прекумерна тежина.

Меѓутоа, и покрај начинот на живот што се чини прилично нездрав, зачудувачки број од нив доживуваат длабока старост - повеќето се над 90 години.

Но не станува збор само за добрите гени и познатата медитеранска диета, што е одговорна за нивното извонредно здравје и долговечност, вели тим од меѓународни истражувачи.

Во едно истражување научници од Италија, Швајцарија и од Америка нагласуваат неколку психолошки особини што играат значајна улога во способноста на овие луѓе да го одржуваат нивното ментално здравје на постари години. Иако имаат полошо физичко здравје од нивните помлади соседи, овие стари Италијанци имаат значително повисоки оцени кога станува збор за менталното здравје.

„Извонредната долговечност се карактеризира со рамнотежа помеѓу прифаќањето и храброста за надминување на неволјите, заедно со позитивниот став и блиските врски со семејството, религијата и земјата, овозможувајќи цел во животот“, пишуваат истражувачите.

Во нивното истражување, тимот ја проценил менталната благосостојба на 29 луѓе (19 жени и 10 мажи) меѓу 90 и 101 година од девет различни села: Акајароли, Казал Велино, Футани, Вало дела Лучијана, Монтано Антилија, Сан Маро ла Брука, Гијо, Стела Чиленто и Сеса Чиленто. Покрај тоа, тие побарале од учесниците да ја опишат нивната лична историја во однос на традициите, културата, вредностите, траумите, тагата, загубата, имиграцијата и личноста.

Резултатите покажале силни трендови помеѓу старите жители на Чиленто. Сите покажале висок степен на ментална благосостојба и ниско ниво на депресија и анксиозност.

„Љубовта на групата кон нивната земја е заедничка тема и им дава цел во животот. Повеќето од нив сѐ уште работат во своите домови и ја обработуваат земјата. Тие си мислат: ’Ова е мојот живот и нема да се откажам од него‘“, вели Ана Чело, првиот автор на истражувањето од Одделот за ментално здравје во Италија.

Во ова истражување, менталното здравје не било зависно од физичкото, така што многу од испитаниците покажале знаци на лошо физичко здравје и ниско ниво на физичка кондиција. Овој заклучок го повторува претходното, парадоксално истражување, покажувајќи дека многу стари луѓе имаат повисоко ниво на ментална благосостојба отколку помладите - и покрај тоа што имаат полошо ниво на физичко здравје.

Зголемената популарност на трансхуманизмот и биоинженерските напори за зголемување на долговечноста кај човекот го насочи вниманието на научниците кон одржување на физичкото здравје, меѓутоа, ваквите истражувања се потсетник дека менталното здравје е можеби уште поважно за одржување на животот. После сè, што ќе ни е здраво тело без желба да го задржиме?
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука