Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ објави специјален курс за лекторирање и јазична редакција за подготовка на кандидатите што имаат намера да полагаат испит за добивање лиценца за лектор, но во јавниот повик не беше прецизирано кој сѐ може да се пријави на курсот, односно дали може и некој без завршен факултет за македонски јазик.
- Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ви нуди можност за посетување специјален курс за лекторирање и јазична редакција, за подготовка на кандидатите што имаат намера да полагаат испит за добивање лиценца за лектор и за веќе лиценцираните лектори кои би сакале да си ги обноват знаењата и да се советуваат за различни прашања поврзани со лекторирањето. Рокот за пријавување е до 5 април 2024. Наставата ќе се одвива двапати неделно по 90 минути во вторник и четврток од 18:00 часот - стоеше во објавата од Факултетот на социјалните мрежи.
Од Деканатот на Филолошкиот факултет појаснија дека курсот е наменет за слушатели кои завршиле македонски јазик, но на него можат да се пријават и веќе лиценцирани лектори.
- Курсот е, пред сè, наменет за слушатели кои завршиле македонски јазик - како подготовка за полагање на испитот за добивање лиценца за лектор. Но, на курсот може да се пријават и веќе лиценцирани лектори кои сакаат да ги освежат своите знаења, како и други слушатели што сакаат да ги прошират своите знаења за македонскиот јазик во однос на правилата за лекторирање - објаснија од Деканатот за „Факултети“.
Слушателите на овој курс добиваат сертификат кој укажува само на тоа дека кандидатите ја следеле наставата и не може истиот да се злоупотреби за добивање работа потоа. Кандидатите се информирани дека овој курс не е предуслов за полагање за лиценца за лектор и не нуди поволности или предности во однос на полагањето.
- Документот што го добиваат курсистите на крајот, доколку посетувале минимум 80 отсто од наставата, е сертификат за следење на наставата по лекторирање и јазична редакција. Тоа значи дека сертификатот укажува само на тоа дека кандидатот/кандидатката ја следел/а наставата.
Во таа смисла, не би можел да се приложи како потврда за ништо друго освен како потврда за ислушан курс. Полагањето на испитот за добивање лиценца за лектор е регулирано со Законот за употреба на македонскиот јазик и може да го полагаат само лица дипломирани на групата Македонски јазик.
Сите кандидати за курсот што сега се нуди, без разлика дали завршиле македонски јазик или не, се информирани дека овој курс не е предуслов за полагање за лиценца за лектор и не нуди никакви поволности, ниту предности во однос на полагањето за лиценца за лектор.
Би можело да се направи паралела со курсеви за добивање знаење од некој странски јазик што може да бидат организирани од различни институции, додека самото полагање на одредени стандардизирани тестови (на пример, TOEFL) се одвива само во институциите акредитирани за спроведување на тестот - објаснија од Филолошки факултет.
Од Деканатот се пријатно изненадени од интересот за курсот и веќе се формирани две групи.
- Пријатно сме изненадени од интересот за овој курс. Се формираа две групи и наставата е веќе почната. Како што очекувавме, најголем број се дипломирани на групата Македонски јазик, кои имаат намера да полагаат испит за добивање лиценца за лектор, но има и лиценцирани лектори кои сакаат да се консултираат и да ги освежат своите знаења, како и дипломирани на групата Македонска книжевност и на други јазични групи – кои се свесни дека курсот не им овозможува проодност кон испитот за лектор, но едноставно сакаат да ги прошират и да ги продлабочат своите знаења од областа на македонскиот јазик - додадоа од Деканатот на Филолошки.