X
 18.11.2020 Образование

За да се зголеми интересот за македонистика: Доделени 15 стипендии за студенти

Прочитајте дел од реакциите на студентите и на професорите на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности

Министерството за образование додели 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На почетокот од октомври, соочувајќи се со смалениот интерес за македонистиката, тричлена делегација од Катедрата за македонска книжевност побарала прием кај министерката за образование и наука Мила Царовска. Во делегацијата биле д-р Кристина Николовска, раководител на Катедрата, д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, и професор, и д-р Венко Андоновски, професор.

- И претходно сите членови на Катедрата беа свесни дека со процесите на евроинтеграција природно ќе опадне интересот за изучување македонски јазик и македонска книжевност и дека ќе порасне интересот за други, компетитивни академски дисциплини. Честопати и јавно укажуваа на потребата од владина поддршка и стимулирање на идните студенти. Од моментот кога ги соопштивме нашите потреби, до моментот кога еве, им се радуваме на стипендиите со кои се стимулира изучувањето и на македонската книжевност и на македонскиот јазик, помина само еден месец - велат од Катедрата.

Тие се надеваат дека МОН ќе продолжи да ја унапредува соработката со катедрите и факултетите задолжени за развој на македонистиката и дека бројот на идните студенти ќе се зголеми до толку што ќе имаат потреба в година да побараат поголем број стипендии, дури и за вториот и третиот циклус на студии.

Ова се дел од реакциите на студентите и на професорите за поддршката на студиите по македонистика.

- Ова е можност за сите студенти на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, воедно и од страна на МОН поддржувајќи ги студентите што студираат на Катедрата која ја имала честа да го одржи првото предавање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје! Горд сум што студирам на оваа катедра! (Пепи Стамков, студент)

- Одлична можност за сите студенти на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности! Искрена благодарност до МОН, до раководителката на Катедрата, проф. д-р Кристина Николовска, и до сите останати професори што придонесуваат за зачувување и истакнување на македонската книжевност и култура. (Верица Мукоска, студент)

- Ми дојде убаво на душичката, ме стопли информацијава! Ова е одличен потег на МОН, конечно да ѝ се даде важност на македонистиката! Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности добива 15 стипендии за студенти кои во првата година од додипломските студии постигнале најмалку 8,00 просечен успех. Ова е огромен поттик за идните студенти, бидејќи тие не знаат што сè крие таа катедра. Останува на нас, кои имавме чест да бидеме дел од тоа семејство, да кажеме, прераскажаме, пренесеме... Да можам одново да се запишам, одново да ги доживеам сите тие години, верувајте ми, без размислување би се запишала! Да се биде дел од тоа семејство значи да се има можност да се учи од НАЈГОЛЕМИТЕ ЛУЃЕ што сум ги запознала во овие мои скромни години. Едно сум сигурна - секој студент што ќе ја избере оваа опција ќе стане дел од најубавото семејство на планетава! Ќе научи како се сака македонскиот јазик, култура, книжевност, а пред сè ќе има чест да го научи тоа од најдобрите професори! (Александра Спасевска, некогашен студент)

- Ова е гест за пофалба, првенствено до МОН, кое несебично и искрено од оваа година ја вклучи можноста за конкурирање на стипендии од областа на македонистиката, а со тоа направи чекор напред кон нејзино возвишување и промовирање, воопшто. Среќа е да се студира јазик и книжевност, особено доколку тоа се изучува и работи со љубов. (Андреј Јанков, студент)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование