До 80 отсто од донираните бели дробови никогаш не стасуваат кај примател бидејќи се премногу оштетени за трансплантација.
Но, еден истражувачки тим пронајде начин да ги рехабилитира дури и тешко оштетените бели дробови од свиња до тој степен што тие би можеле да ги исполнат критериумите за трансплантација. Доколку оваа техника се примени кај луѓе, би можела драматично да го зголеми бројот на луѓе што добиваат органи и на тој начин ќе им се спаси животот.
Во студија објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, истражувачи од Универзитетот „Колумбија“ и Универзитетот „Вантербилт“ опишуваат како направиле систем на вкрстена циркулација кој може да испумпува крв од орган примател во дониран бел дроб, одржувајќи го белиот дроб жив надвор од телото додека лекарите ја поправаат оштетеноста.
За да ја демонстрираат техниката, тие извадиле бели дробови од свиња, ги оштетиле и потоа ги одржувале во живот надвор од телото цели 36 часа. Тоа е многу подолго од вообичаените 6 до 8 часа што им се на располагање на лекарите денес. Тие 36 часа биле доволни за истражувачите да можат да ги поправат белите дробови за да ги исполнат критериумите за трансплантација.
Не само што оваа техника може да го зголеми бројот на употребливи бели дробови, туку истражувачите веруваат дека таа може да се користи и за поправање на оштетени бели дробови.
- Ние предвидуваме дека интервенциската вкрстена циркулација може да се користи за да се истражи регенерацијата на други оштетени органи, како што се срцата, бубрезите и црните дробови, проширувајќи го на тој начин бројот на донатори преку спасување на тешко оштетени органи и доведување до повеќе трансплантации на органи - истакна
истражувачот Метју Бачета.