X
 10.05.2022 Живот

„Вашингтон пост“ и „Ројтерс“ - добитници на Пулицерова награда

Годинава им е доделено и специјално признание на украински новинари за покривање на руската инвазија, соопшти менаџерката на оваа престижна награда, Марџори Милер

„Вашингтон пост“ доби Пулицерова награда за известување од јавен интерес за опсадата на американскиот Капитол, додека „Ројтерс“ победи во категоријата фоторепортажа за известување за пандемијата на коронавирусот во Индија.

Воедно, доделено им е специјално признание на украински новинари за покривање на руската инвазија, соопшти менаџерката на оваа престижна награда, Марџори Милер.

„Вашингтон пост“ ја доби наградата за убедливо раскажан и сликовито прикажан приказ на настаните од 6 јануари 2021, што на јавноста ѝ овозможи целосно и непоколебливо да го сфати еден од најмрачните денови во државата. Додека, тимот од фотографи на „Ројтерс“ ја доби Пулицеровата награда за придружна фотографија за покривање на пандемијата на коронавирусот во Индија.

„Мајами хералд“ освои награда за ударна вест за известување за уривањето на висококатницата во Њујорк, при што загинаа 98 лица.

„Њујорк тајмс“ освои три Пулицерови награди за известување, додека репортерката Андреа Елиот ја освои општата за нефикција - категорија за нејзината книга „Невидливо дете: сиромаштија, преживување и надеж во американскиот град“, која ја почна со серија написи во 2013 објавени од весникот.

Пулицеровите награди ги доделува Универзитетот „Колумбија“ од Њујорк, секој добитник добива диплома и награда од 10.000 американски долари, а установена е од Џозеф Пулицер, унгарско-американски новинар и издавач, кој по смртта во 1911 година сиот свој имот му го остави на Универзитетот „Колумбија“.

Првата Пулицерова награда е доделена на 4 јуни 1917 година и оттогаш традиционално се доделува секој април. Победниците ги избира независна комисија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот