Покрај најдолгиот надвозник во Грција, проектот вклучува и изградба на 8 нови моста и 3 нови тунели на постојната делница долга 13 километри.
Пред новата туристичка сезона, во околината на Солун започнаа големи инфраструктурни работи на новиот проект наречен „Тесалоники Флајовер“, поради што е можно на туристите што одат на летување во Грција да им е потребно малку повеќе трпение на овој дел од патот, особено на оние што ќе летуваат на Халкидики.
Работата започна кон крајот на 2023 година и се одвива на обиколница околу Солун, а според најавите, ќе трае околу четири години, додека самиот проект, освен 4 километри долгиот експресен надвозник, опфаќа и модернизација и проширување на постојните делници долги 13 километри, со 9 различни нивоа на крстосници, како и 8 нови моста и 3 нови тунели.
Проектот е започнат како амбициозна иницијатива за ублажување на хроничниот проблем со сообраќајниот метеж во градот. Целта е да се овозможи побрз и посигурен проток на возилата, да се подобри пристапот до аеродромот, јужниот дел од Солун и Халкидики, но и да се намали бројот на сообраќајни несреќи, кои се чести на постојните патишта.
Вкупната вредност на проектот е 478 милиони евра, а се очекува „Флајовер“ да може да опслужи по 10.000 возила на час во двата правци, со што секако ќе се намалат сообраќајните колапси.
Како што претходно беше најавено, на 4-годишната изградба на овој проект ќе работат повеќе од илјада работници, додека изведувач и проектант е конзорциум составен од грчките компании „Митилинеос“ и „М-Консешнс“, во соработка со градежната група „Авакс“.
Надвозникот долг 4 километри, кој ќе биде најдолг во Грција, е проектиран над сегашната источна обиколница, која со проектот ќе се прошири, ќе добие нови крстосници и технички елементи и модернизација до вкупна должина од 13 километри.
Почетокот на изградбата беше одбележан со протести од страна на граѓаните, кои велеа дека во текот на работата ќе бидат исечени над илјада стебла и уништени 82.000 квадратни метри приградска шума, со што ќе се намали квалитетот на воздухот во градот. Во еден момент во април работата накратко беше прекината поради жалби на три градски здруженија, но работата продолжи по кратката пауза, па многумина коментираат дека сообраќајните проблеми биле ставени над еколошките.
За да им се намалат маките на возачите што тргнале на море, создадена е специјализирана страница (
ТУКА), на која во реално време може да се следи состојбата на солунската обиколница. На тој начин навреме можете да одлучите дали ќе одите преку градилиштето, директно низ градот или преку алтернативен пат.
Извор:
gradnja.rs
Фото: m-concessions