Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.
- Мојот животен пат нема една права насока на движење – тој се состои од застои, кривини и движења со непредвидлив тек, раскажува битолчанката Гордана Стаматова, професорка по македонски јазик и првиот лектор на најстариот локален весник во Македонија - „Битолски весник“, кој воедно е и еден од ретките печатени локални информативни гласила што опстанаа до денес.
Стаматова беше професорка по македонски јазик во неколку битолски училишта, како и долгогодишен директор на познатиот Пионерски центар во Битола, каде што генерации млади битолчани добиваа едукативно и воспитно образование преку воннаставни активности, а беше и еден од иницијаторите на незаборавните детски фестивали „До Ре Ми“ и „Си До“. Стаматова подолго време со семејствата на своите две деца живее во Австралија, но длабоко во душата ја зачува љубовта кон македонскиот јазик, за што доказ е и нејзината објавена збирка поезија „Интима“.
Професори ѝ биле Гане Тодоровски и Блаже Конески
- По завршување на средното образование, генерација 1957/58, студирав правни науки на Правниот факултет во Белград. Од домашни причини, по една година се вратив во Битола, прекинав со студиите и се вработив во администрацијата на една фабрика. Истовремено се запишав како вонреден студент на Филозофскиот факултет во Скопје, сегашен Филолошки, насока Југословенска книжевност. По две години редовно полагање на испитите во даден рок, последните две години ги завршив како редовен студент. Следејќи ја цела година дидактиката на правото, попривлечни ми беа книжевноста и убавиот збор, кои ми беа всадени во некоја моја мозочна клетка - раскажува Стаматова.
Таа истакнува дека предноста на генерацијата и убавината на програмата била збогатена со присуството на двајца познати писатели кои ѝ биле професори: Гане Тодоровски и книжевниот корифеј Блаже Конески.
- Пријатни и содржајни беа студиите, а предавањата ми останаа во вечно сеќавање - вели Стаматова.
Покрај студиите, имала време за културни настани и за планинарење
Како студентка била издржувана од нејзината мајка со приходот кој таа го земала, па вели дека не почувствувала криза или некоја неисполнета желба. Била сместена во студентски дом и се хранела во студентската менза.
- Тоа беше дел од среќните години. Живеевме во круг на пријатели и другари без класни предрасуди. Културно-забавниот живот го исполнувавме со редовни посети на градскиот Македонски театар, особено на опера и балет. Македонскиот балет беше меѓу најдобрите балети во Југославија. За исполнување на овие задоволства ги продававме боновите за исхрана и бевме среќни - вели Стаматова.
За време на студирањето членувала во планинарско друштво, па во зимскиот распуст ги освојувала планините и врвовите на Македонија исполнети со снег.
- Јасно ми е врежана сликата кога при искачувањето на врвовите Љуботен и Пелистер ја погрешивме патеката... изгубени, уморни во белината на снегот, испаничени. Но со добри, искусни планинари, подвизите беа предизвик и радост. Од овие настани имав издадено напис во Студентски збор, со кој повремено соработував – вели Стаматова.
Прв лектор на „Битолски весник“
По дипломирањето во 1964 година, се вратила во Битола. Вели дека во тие среќни години постоеле правила, норми и закони при вработување. Така, Центарот за вработување вршел распоред на лицата според пријавувањето и распределеност по професија и редослед.
Првото вработување ѝ било во Основното училиште „Трифун Пановски“, а потоа во средните Ветеринарно и Земјоделско како професор по македонски јазик. Исто така, Стаматова била дел и од екипата што го подготвила првиот број на локалниот печатен неделник „Битолски весник“. Во архивите на весникот е запишано дека излегол од печат на 29 април, во далечната 1964 година, во предвечерјето на празникот на трудот, 1 Мај. Првата редакција ја сочинувале Владо Ласковски, директор и главен и одговорен уредник, Голуб Чакулевски, Ристо Невеновски, Димитар Димитровски-Такец, новинари, Доне Пановски, Кирил Георгиевски, како фоторепортер и Цветанка Георгиевска, сметководител. Во подготовката на првиот број, како прв лектор на весникот помогнала и Гордана Стаматова.
- Не бев официјално вработена во службата на „Битолски весник“, но извесен период помагав при печатењето како лектор. Весникот беше добро примен од граѓаните на Битола, го чувствувавме како свое домашно информативно списание - додава таа.
Директорка на Пионерскиот центар „Трајче Магловски“
Таа дваесет години беше на кормилото на Пионерскиот центар „Трајче Магловски“, кој остави траен белег на генерациите што растеа кон крајот на осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, посетувајќи воннаставни активности од изучување јазици, музика, хор, модерен балет, фолклор и друго во периодот кога немаше приватни школи.
- Центарот работеше со одредени активности поделени на секции, со цел да ги анимира едукативно и воспитно и придонесе за дополнување и надградба на знаењата, насочување на талентите и воспитување и дружење на децата. Музичката секција ја организираше, по традиција, годишната приредба „Одбираме таленти“, каде што децата од основните училишта во Битола можеа да ги покажат своите вокални способности - додава Гордана.
Иницијатор на врвни детски фестивали чии мегахитови се пеат и денес
Во 1978 година оваа приредба прерасна во музички детски фестивал наречен „До Ре Ми”, по договор со македонскиот познат композитор и пејач Славе Димитровски, кој беше и уметнички директор на фестивалот, во организација на сите вработени во Центарот. Изведбата беше фантастично успешна затоа што јазикот на музиката му е близок на секого. Но, поради финансиски неможности, фестивалот кратко траеше.
Во 1990 година, со нови сили, искуство, желба и потреба од ново доживување, во полн ек и со голем ентузијазам на цел колектив, се организира нов детски музички фестивал „Си До“ – Битола, во договор со познатиот македонски музички композитор Кире Костов, кој беше и уметнички директор. Стаматова со задоволство и исполнетост ја извршувала функцијата директор на фестивалот и главен двигател. Битолчани и денес со носталгија се сеќаваат на фестивалот, а мегахитовите останаа да бидат евергрини и надживеаја многу песни од врвни возрасни музичари. Тоа беа незаборавните: „Боби, баш ми е гајле“ во изведба на Ана Христовска, „Како ли јас да пораснам“ на Иван Богоевски, „Супер бабичка“ од Даниел Јовановски, „Црно-бели солзи“ од Кате и Ленче Наковски, „Досадна недела“ од Маја Андоновска, „Наташа од трето три“ на Леонид Ристов“, „Визба стара и гитара“ на Ирена Маџаровска и ред други.
Фото: приватна архива