X
 05.10.2022 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Драгица Мисирлиевска (84) дипломира на Правен факултет во 1977 година – Бев една од двете жени-инспектори во тоа време

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Драгица Мисирлиевска е родена на 23.10.1938 година. Студирала како вонредна студентка на Правниот факултет во Скопје, а во меѓувреме работела во Народна банка - Битола како службеник.

- Родена сум во Брезово, во 1938 година. Од прво до четврто одделение учев во „Коле Канински“ - Битола, а подоцна се префрлив во „Даме Груев“, каде што учев шесто и седмо одделение, за во „Гоце Делчев“ да го завршам основното образование. Средно образование учев во познатата „Горна“, односно гимназијата „Јосип Броз Тито“ - се потсетува нашата соговорничка.

Запишувањето на факултет било прилично лесно, а вработувањето било без партиска книшка


Како што вели Драгица, запишувањето на факултет тогаш било прилично лесно, не се барал просек.

- Студии запишав на 34 години, во академската 1970/1971 година, иако со полагање испити почнав во 1972 затоа што бев запишана како вонредна студентка. За запишување ми беа потребни диплома од средно образование и крштениче. Успехот од средно образование воопшто не беше важен - раскажува Мисирлиевска.

memoari

Таа се запишала како вонредна студентка затоа што веднаш по завршувањето на средно образование успеала да се вработи, па тогаш не чувствувала потреба да го продолжи образованието.

- Матурирав во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во 1957 година и на 1 ноември истата година се вработив. Во тоа време вработувањето не беше преку партија. Едноставно се пријавив на огласот и бев примена во тогашна Југословенска инвестициона банка - Централа за НРМ - Скопје. Таму бев службеник на одобрување заеми и кредити. Од 19.10.1959 до 23.10.1959 година положив стручен испит, Сведочанство за положен стручен испит, со кое се здобив со звањето банкарски службеник. Подоцна, во 1968 година, бевме префрлени во Народна банка - Битола. Бевме општествени контролори на фирмите во Југославија. Токму оваа работна позиција ме поттикна да се одлучам за високо образование. Работев со многу пари, ми беше тешко, па одлучив да станам постручна во работата и да ги реализирам моите амбиции за повисока работна позиција - раскажува Мисирлиевска.

Сите вработени можеа да се запишат на факултет, а студирањето во Југославија беше бесплатно и трошоците ги покриваше работната организација


- Додека работев во Народна банка (подоцна Служба општествено книговодство, СОК при Народна банка - Битола), мојата работна организација имаше донесено одлука со која можеа сите вработени што сакаа да се запишат на факултет и да студираат - се потсетува таа.

Мисирлиевска сама одлучила да се запише на факултет бидејќи во службата каде што работела биле признаени и Економски и Правен факултет. Таа се одлучила за Правниот факултет бидејќи во 1972 година им овозможил на студентите од Битола да следат предавања и да полагаат некои предмети токму во Битола, за да не мора да патуваат до Скопје. Професорите доаѓале од Скопје и ги држеле своите предавања во просториите на Педагошки факултет.

diploma

- Предавањата ги слушав кога ми одговараше мене, а тоа најчесто беше по завршувањето на работното време. Испити полагав и во Битола и во Скопје, во зависност од можностите на професорот. Служба општествено книговодство (СОК) имаше одобрено да патуваме до Правниот факултет во Скопје, а притоа патот ни беше платен токму од оваа работна организација. Имавме и слободен ден. Единствено што плаќавме беа тогашни 30 динари за пријавување на испитите. Моето студирање беше бесплатно. Мојата работна организација ми обезбеди стручна литература по сите предмети и ми ги подмири трошоците за пат. Горда сум што можам да кажам дека завршив факултет без ниеден потрошен динар.

Учев од најелитните професори

Драгица ја имала честа да ѝ предаваат најелитните професори од тоа време.

- Горда сум што можам да кажам дека следев предавања и полагав испити кај најелитните професори: Ѓорѓе Маријановиќ по Кривично право, Евгениј Димитров по Уставно право, Иво Пухан по Римско право, професорот Светомир Шкариќ по Уставно право и многу други. Студирањето ми беше вистинско задоволство покрај ваквите професори. Иако бараа многу и беа прилично строги, среќна бев што бев нивна студентка.

По завршувањето на факултетот станала една од двете жени-инспектори во Западниот Регион и целата битолска околина.

dragica

- По завршувањето на факултетот во 1977 година, во СОК поднесов барање за повисоко работно место за финансиски инспектор. Барањето ми беше одобрено на работнички совет и бев префрлена во инспекција. Така станав една од двете жени-инспектори во тоа време - раскажува таа.

Се пензионирала во 1994 година, на 56 години. Морала да работи уште една година за да исполни услов за стекнување пензија, иако имала стаж, не ја исполнувала старосната граница за пензија. Денес прабаба на три внучиња, иако има 84 години, таа е неуморна - шие, црта, чита многу книги и носталгично се потсетува на нејзините студентски денови.

- Сакам денешните студенти да знаат дека во тоа време студирањето беше на многу повисоко ниво, а професиите банкарски службеник и финансиски инспектор беа едни од најпочитуваните во Југославија.

penzija

Фото: приватна архива
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема