X
 30.08.2022 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Љубо Трифуновски (84), хорски диригент, дипломирал на Педагошката академија во 1962 година - Не знаевме што значи во испитна сесија да не ги дадеш сите испити

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

Колкава треба да биде љубовта кон музиката и образованието за човек речиси секој ден да патува пеш 25 километри, на сонце, дожд, снег, дење или ноќе, за да заврши школо? Така Љубо Трифуновски (84), еден од најпознатите македонски хорски диригенти, врвен музичар и педагог, творец на најуспешниот македонски хор „Стив Наумов“, овенчан со награди од целиот свет, во младоста патувал од селото Велушина до градот Битола за да учи Учителска школа. Тој е од оние образовани кадри во земјава што во педесеттите години од минатиот век се соочиле со несекојдневна ситуација да полагаат и полуматура, а и приемен испит за средна учителска школа.

Полагал и полуматура и примени испити за средно, а Учителска школа учел пет години



- Јас сум од генерацијата што полагаше и полуматура. Го фатив најтешкиот период. Сакав да се запишам музичко, но немаше такво средно училиште во Битола, подоцна се отвори. Постоеше Учителска школа каде што се учеше многу музика. А јас бев многу музички надарен и имав многу добар наставник во Велушина. Толку многу научив од него, што ни во средно училиште не нѐ учеа толку. Најдобрите ученици ги примаа во Учителска школа и само за таму имаше приемни испити. Полагавме четири предмети: фискултура, музика, математика и македонски - раскажува Трифуновски.

Не само што фатил полуматура за упис во средно, а и примени, туку и Учителска школа учеле пет години. Бил меѓу првите генерации што се школувале за учители по ослободувањето на Македонија. Па кон образованието им додале уште една година - петта со многу пракса, дури и да држат настава по селата. Наставниот процес бил многу строг. Со еден неоправдан - намалено поведение, со пет-шест ги бркале од школо. За да биде редовен, патувал пеш со километри.



- Во Учителската школа имавме многу добри професори, меѓу кои и Лазо Каровски, познатиот македонски поет. Имавме многу пракса. Ни една методска единица на часовите не ми имаше пропаднато. Последната година нѐ пуштаа и по селата на пракса, дури и во летно време да работиме со учителите таму - се присетува диригентот.

На пракса во далечни села за кои народот велел дека и Бог им завртил грб

Само што завршил Учителска школа, која според сегашниот степен на образование би била како средно училиште, веднаш добил работа. Последниот ден во школо дошол извесен референт кој кажал сите завршени ученици каде треба да учителствуваат. На Љубо му паднало мариовско Бач. Предавал музика и географија. Уште таму го направил првиот хор со кој се натпреварувал на околиски натпревар во Бистрица и зеле прва награда. Потоа го пратиле да предава во Облаково, далечно село за кое битолчани знаат да кажат дека е „зад грбот на Господ“.

- Јас дотеран со еден костум, млад, креативен човек тогаш, вработениот ми вели: „Има едно место, ама ти нема да одиш таму.“ Му реков: „Утре сабајле во седум саатот сум овде, да го викниш служителот и ќе одам на работа, не те прашувам каде.“ И другиот ден отидов во Облаково.



Како студенти, во станот немале греење, но во сесијата ги давале сите испити

Додека работел, заштедил пари, па се запишал на Педагошка академија во Скопје. Тогаш немало музичка академија, дури по шест години се создало високо образование за музика во земјава.

- Во Скопје во стан седевме јас, Милко Лозановски и Јана Коџобашија, д-р по музика. А станот беше кај баба Мерџана, една просторија каде што си ги чуваше кофите и метлите. Ни оган имавме назима, пикни се под ќебе, завиткај се и читај. Кога ќе дојдеа испитите, не одевме во мензата во студентскиот дом, туку ги продававме боновите за да не губиме време, ќе купевме понекој домат, пиперка и само учевме. Ние не знаевме во испитната сесија да не ги положиме сите испити – вели Трифуновски.

По завршувањето се вработил прво во Учителската школа, која набрзо престанала со работа, па во Основното училиште „Коле Канински“ како наставник по музика. Го формирал Пионерскиот хор. Кај децата ја всадил љубовта кон музиката така што ги привлекол да продолжат во мешаниот хор „Стив Наумов“, кој го презел во 1968 година, а потоа го формирал и женскиот хор, еден од најуспешните на територија на поранешна Југославија, со кој патувал низ многу европски земји, освоиле многу награди, одржале многу концерти...



Роден музичар, ноќите ги трошел за да вежба хармоника

„Од мал знаев дека ќе бидам учител по музика“, вели Трифуновски. Раскажува дека кај него музикалноста е вродена. Талентот го наследил веројатно од дедо му, најдобриот гајдаџија во Велушина, кој ќе се качел на ридот со овците и ќе свирел со гајдата за љубената да излезе надвор, па на растојание од 500 метри воздушна линија ги ширеле рацете и така си изразувале љубов. Љубо раскажува дека како дете пеел босоног на приредбите од училиштето толку добро, што доаѓале жители и од околните села да го слушаат. Во прво време сам научил да свири на хармоника.

- Во Учителската школа со наставникот Велко Паскали го уредиме кабинетот со инструменти. Труби, виолини и како што уредував, се истркала едно мало хармониче. Јас застанав ко закован. А хармоники немаше каде да се најдат тогаш. Како да прашам да ми го даде да вежбам? Тој ме сети дека се срамам и по едно време вели: „Земи го бе Трифуновски.“ Кога ми рече земи го, си реков ко богатството на Сиера Мадре да го најдов. Тоа беше трета година, седев во интернатот. Навечер кога ќе легнеа сите, последната просторија по клозетите беше со метлите и кофите на служителите. Таму ќе го земев хармоничето и тивко цела ноќ до сабајле ќе вежбав. По 10 дена вежбање со хармоничето, почнав да свирам по игранки - искрен е Трифуновски.

Како студент пеел во хорот „Мирче Ацев“ во Скопје. Во Ланголен, Англија, со Драган Шуклевски освоиле прва награда. На академијата учел и диригирање и хор.



Го создаде еден од најдобрите хорови во Југославија, со над 2.000 настапи низ цел свет

- Диригентот треба да се роди. Да има чувство, да ја сака музиката. Го водев хорот „Стив Наумов“ од 1968 година непрекинато до 2019, додека не фати ковидот. Одевме низ цела Европа, на сите меѓународни фестивали. Освоивме многу награди, одржавме многу целовечерни концерти. Женскиот хор го направив и беше еден од најдобрите во Македонија, со него имам освоено десет златни медали на смотрите во Кавадарци. Настапувавме низ цела Европа. Некогаш се натпреварувавме и со снимки на здружената Радио-телевизија на Југославија. Имав земено две втори награди со снимка. Работев и дење и ноќе. Водев и настава и хор. Не знам од каде ми излегуваше таа сила и енергија – раскажува тој.

Работеше цели 60 години. Речиси нема награда што ја нема добиено: „Св. Кирил и Методиј“ за најдобар наставник, Орден со сребрен венец со указ на Маршал Тито за истакнат работник во културата, „4 Ноември“ за животно дело, а сега е предложен за наградата „11 Октомври“. Речиси сите познати пејачи од Битола поминале низ неговите хорови.



Создал 45 композиции за хорско пеење, испечатени во книга.

- Посветен сум на вокалното пеење и хармонија, сакам да слушам многу звуци во исто време. Од човечкото грло поубав инструмент на земјата нема. Хорот да пее убаво, да музицира и хармониски да се постави - тоа е вистинско доживување и мислам дека нема инструмент што може да го замени - вели диригентот Трифуновски.




Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема