X
 19.08.2022 Наша тема

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Професор Тодор Јакимов (97) завршил Електротехнички факултет во 1952 година - Белешките од предавањата ни беа првите книги на студии

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

На десетина голобради тинејџери штотуку излезени од виорот на војната и од гимназиските клупи им се укажала честа да ги удрат темелите на македонската држава и да ја пишуваат историјата преку своите дела во образованието и стопанството и културата. Меѓу нив се нашол и сега веќе 97-годишниот инженер и професор по електротехнички науки Тодор Јакимов.

Стројниот професор и во својата десетта деценија од творечки богатиот живот математички прецизно ја раскажа својата животна, студентска и професионална приказна која почнува од малите сокаци близу „Свети Кирил и Методиј“, старото велешко училиште од кое излегоа и Кочо Рацин и Петре Прличко.

- Јас сум велешанец роден во 1926 година и основно завршив во „Свети Кирил и Методиј“ од 1932 до 1936 година. Тогаш основното траеше четири години, а не осум. Се запишав во нижа гимназија од први до четврти клас, па потоа во виша самоуправна гимназија. До 1941 година бев ученик во српско училиште, а потоа ученик во бугарско училиште. Не смеевме да зборуваме македонски, но нашиот пркос беше голем и за инает зборувавме на македонски. Тогаш и ние како 16-годишни момчиња се формиравме како личности кои во својот ум го имаа само ослободувањето на Македонија. Јас стапив во СКОЈ во 1942 година и прва јавна политичка активност ми беше штрајкот во гимназијата против бугарските школски власти. Тука го претрпев и првиот притисок на власта кога посебно бев сослушуван од бугарската агентура како сме го организирале и зошто сме го организирале штрајкот. Кога во 1944 се случи ослободувањето, активно учествувавме во новоформираните општествени институции на народната власт и во подготовките на второто заседание на АСНОМ - се присети професорот Јакимов на своите школски почетоци.

Првачето Тоше, 1932 г.

Прво наставник во гимназија, потоа студент во Загреб

Јакимов матурирал во 1944 година, а неколку месеци подоцна бил ангажиран да биде наставник во гимназијата од која излегол. Немало наставници и комисијата за подготовка на отворање на училиштата во Македонија одлучила учители и професори да бидат младинци кои тогаш излегле од школските клупи. Во гимназијата бил ангажиран две години, меѓутоа, поривот да напредува во образованието го натерал Тодор да бара ослободување за да оди на студии.

- Во тоа време беше потребна дозвола да се (оди некаде) смени работното место, имавме насоки од власта. Откако не ја добив дозволата во Велес, отидов во Скопје кај министерот за образование Никола Минчев за да го молам за дозвола. Бев упорен и го убедив да ми даде дозвола да заминам на студии. Заминав во Загреб во 1946 година на Електротехнички факултет. Тоа што во нашата земја немаше стручен технички кадар ме наведе на изборот на техничка струка.
Заминав на факултет во време кога, од виорот на војната која штотуку заврши, со невиден елан се слеваа млади луѓе кон универзитетите за да го издигнат своето образование за кое не ни сонувале порано дека ќе им биде достапно. Во Загреб есента 1946 почна првата генерација студенти од сите републики на возраст од 18 до 40 години. Луѓе излезени од војната, кој со војнички чизми, кој со војнички панталони, кој со војничка блуза, кој со мантил, материјално оскудни, но со огромна желба да учат. Во студентските мензи имаше палента и гершла (јачмен), колку во стомакот да имаме нешто. Немавме со што да се прихраниме, но условите беа исти за сите - раскажува професорот Јакимов.


Тодор со студенти колеги на загрепскиот факултет

Во тоа време на факултетот (биле руски професори пребегнати од Октомвриската револуција, Полјаци, Чеси, Австријци и Хрвати кои студирале во Германија) покрај домашните имаше и професори дојдени од Русија како емигранти, од Чешка, Полска и други земји. Помагала за студирање речиси и да немало и сѐ се сведувало на фаќање белешки додека професорите држеле предавања. Бидејќи немале учебници, постојано барале некоја германска литература бидејќи имале предзнаење од германски јазик кој го учеле за време на војната. Кога почнала да доаѓа руска литература, Јакимов ги купил сите математички книги што ги начекал во книжарница и направил сопствена богата библиотека.

- Во тоа време студентите што покажуваа поголем успех одржуваа кружоци со студенти кои не го владееја материјалот. Јас држев математички кружок. Бидејќи бев истакнат студент, бев ангажиран како демонстратор на катедрата за машински елементи и машинско цртање. Тоа ми помогна во студирањето затоа што за тоа време добивав месечен приход од 500 динари - се присети Јакимов.

Во втората година на студии професорот по електротехника Јосип Лончар го поканил да биде демонстратор кај него и ги вршел експерименталните вежби во неговата лабораторија, четири години до завршување на студиите. Професорот Лончар бил прв организатор на радиопреносот во Хрватска и од него имало што да се научи.

- Постојано бев во лабораторија и таа ми беше втор дом, таму си работев и држев вежби. Од него научив дека професорот треба да има татковски однос со студентите. А до нас беше лабораторијата на професорот Антон Доленц, кој ги водеше проектите за изградба на електрични централи низ Југославија. Тој беше број еден електроинженер за сложени индустриски комбинати од аспект на електротехниката. Ме покануваше да одам со него секојпат кога ќе го повикаа да решава некој проблем за да ја научам практиката. Од него научив што значи наука и што практика, а тоа искуство го применив како професор подоцна на Електротехничкиот факултет во Скопје - откри Јакимов.


Тодор Јакимов 1947, студент

Ера на поставување на темелите на македонската индустрија

Како млад и самоуверен инженер задоен од влијанието на професорот Доленц, дипломиран во февруари 1952 година, Јакимов се заблагодарил на понудата на професорот Доленц да стане негов асистент затоа што чувствувал одговорност кон својата земја каде што воопшто немало инженери, а тој бил еден од првите дипломирани.
Со дипломата в џеб, Јакимов дошол во Скопје, во дирекцијата на Електростопанство и со уште еден колега се јавиле за работа. Имало две места, а едно од нив било во електромеханичката работилница под Калето во Скопје. Тоа ќе биде првото работно место на Јакимов.

- Како што седевме на ѕидот од кејот со колегата Витомир Јовевски, јас веднаш отидов преку мовчето и само војнички се пријавив за работа. Директорот Душко Лукарев, кој бил и командант на град Скопје за време на ослободувањето, беше пресреќен што му дошол инженер во погоните. Ми рече од утре право на работа. А јас штотуку дојден од Загреб, не останав во Велес ниту една недела да се видам со семејството. Во таа фирма веднаш се зафатив да го трансформирам од репаратурно во производно претпријатие за електроопрема. Ми дојде првата идеја да произведуваме апарати за електрично заварување. Исконструирав еден трансформатор, прототип направивме, функционираше одлично и пуштивме серија до 100 парчиња кои отидоа како алва. Во меѓувреме заминав да го отслужам воениот рок - раскажува Тодор.

Почетниот тим за изградба на „Железара“
Јакимов, Чернивец, Христов, Кухарич

По враќањето од војска, Јакимов бил известен од извршниот совет дека ќе се формира инвеститорска група за изградба на „Железара“ и дека тој ќе биде електроинженер, што било огромен предизвик за него. Од септември 1953 година бил вработен во „Железара“ под реден број 6 во матичната книга на фабриката. Меѓутоа, настанува судски спор произлезен од новинарски текст во белградски НИН, во кој директорот Лукарски се жали дека „Железара“ им го одзела инженерот, но на крајот е постигната согласност Јакимов да остане во „Железара“, а хонорарно да продолжи во ЕМП за развојот на производната програма. Така останува до 1958 година со обврска во двете работни организации. Во тој период ЕМП израсна во фабрика за електроопрема ЈУГ, со многу инженери, а подоцна се трансформира како составен дел на хрватскиот „Кончар“.

Основање на Електротехничкиот факултет

Професорот Јакимов откри дека во 50-тите и 60-тите сите професори на техничките факултети доаѓале од стопанството. Дипломирани во периодот од 1946 до 1955 година, тие биле кадарот кој ги поставил темелите на индустрискиот развој, а истовремено биле носители и на академското образование.

- Група активни инженери, меѓу кои бев и јас, колегите Грчев, Величковски, Јовевски, Јовановски, можеби и некои други, зборувам за електроодделот, вложивме голем труд околу отворањето на електро-машинскиот отсек во рамките на постојниот Технички факултет. Со сестрано разбирање од Извршниот совет, тоа и се реализира во 1959 година со два оддела - Електротехнички и Машински. Претходно споменатите колеги како потенцијални кандидати конкурираа по распишаниот конкурс и добија позитивни решенија. Реакција веднаш стигна од „Железара“ дека јас не можам да конкурирам бидејќи сум неопходен во оваа фаза на изградба на комбинатот. Ми дошепнаа некои пријатели: „Не поднесувај пријава, ќе те третираат како неподобен кандидат, па ќе ти биде непријатно.“ Категорично ја барав дозволата од „Железара“ и постигнав конечен договор да конкурирам како хонорарен наставник до пуштањето на комбинатот во работа. Бев избран за доцент во 1960 година. Во 1967 година се пушти „Железара“ и останав уште две години за да се разработат погоните. Во 1969 година преминав како редовен на факултетот, но останав како стручен консултант во „Железара“ по нивно настојување - раскажува професорот Јакимов.

Со колеги инженери при пуштање прва ТС 110 kV Скопје

Во 1974 година Извршниот совет формирал инвеститорска група за изградба на пакет објекти Фени, Бучим, рафинеријата за нафта во Скопје и ТЕЦ Неготино. Од „Железара“ бил префрлен како консултант, југословенски стручњак за металургиска електроенергетика сѐ до неговото пуштање во работа во 1985. Во 1987 година професорот Јакимов се пензионира со 60 години, по сила на контроверзниот закон донесен само во Македонија. Четири години и понатаму останал на факултет волонтерски, без надоместок, да држи предавања за да не останат студентите без настава по дисциплината Автоматско управување на погоните. Веднаш по ова пензионирање, како експониран стручњак добива покани од повеќе институции и фирми надвор од Македонија да биде ангажиран. Преку Институтот за електротехника од Љубљана се вклучил да работи врз развојните програми и проектантски потреби во охридски ЕМО до 1992 година, кога настануваат темелните структурни промени во стопанството. Последната работа му е од 1996 кога соработува во формирањето на проектантската фирма „Тимел проект“ за во 2006 година, на својот 80-ти роденден, да си рече:
„Тошо, ако е доста, доста е! Од денеска сум прав пензионер, ќе читам, ќе сликам и ќе им се радувам на внуките.“


Тодор Јакимов со внуките

Односот на професорот Јакимов кон своите студенти

Како некогашен студент, а денес универзитетски професор во пензија, го прашавме Јакимов како гледа на релацијата професор-студент, а тој како едвај да дочека да зборува за односот со своите ученици, кои своевремено станале врвни инженери и ги презеле изградбите на сите хидроцентрали во Македонија.


- Најважно ми беше во мојата средина да создадам човечки однос кој е неопходен за создавање хомогена работна средина. Таа претпоставка ја пренесов и на студиско ниво во односот кон студентите. Најважно за успех во студиите е да се има еден искрен човечки, братски или татковски однос кон студентите. Професорот мора да го сака студентот како свое дете, искрено да му мисли добро како на свое дете. Студентот чувствува кога професорот од душа го пренесува знаењето. На предавањето не можеш принудно да го држиш напнато вниманието на студентот, мораш ти да го натераш активно да биде ангажиран во предавањето, да поставува прашања и да нуди решенија. Студентите често ќе ми речеа: „Професоре, на вашите предавања се чувствуваме веќе како инженери.“ Испитите се посебна приказна, тие се од извонредна важност, тие се паметат. Да ви пренесам дел од моето искуство. Веднаш кажувам дека сум голем противник на системот а-бе-це, тоа е за обложувалниците. Имам пристапен писмен дел од испитот кога кандидатот за определено време решава поставени проблеми, при што му е дозволено користење на секоја литература, освен решени задачи. Зошто? Па секој инженер во својата практика користи помагала, зошто студентот да е хендикепиран? Затоа пак на задолжителниот устен испит во разговор сакам да го видам неговиот резон и владеење со материјата. Зар да излезе од факултет инженер и мој иден колега без барем еднаш да се сретнам со него. Доколку констатирам недоволно знаење, тоа точно му го посочувам да го разработи, дополнително му одределувам време да ми се јави, на истата пријавница. Верувајте ми, не ми се случило на повторна средба кандидатот да не задоволува, дури ги надминувал моите очекувања. Никогаш не сум вратил
пријавница со „неположено“. Професорскиот ангажман не е трговија, тој треба да содржи научна, образовна и хумана нота - заврши професорот и инженер Тодор Јакимов.



Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема