Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.
Моите родители имаа два сина - јас и мојот постар брат. Во една пригода нашиот татко ни рече: ,,Драги мои синови, јас многу би сакал вие да се стекнете со високо образование. Јас сум службеник, со мала плата и немам можности да издржувам двајца студенти. Еден од вас треба да земе стипендија, а другиот јас ќе го издржувам.“ Одлуката ја препуштивме на мојот постар брат бидејќи таков беше обичајот. Па така, тој одлучи јас да земам стипендија, а неговите студии да бидат финансиски поддржани од моите родители, споделува Чедомир Лазаревиќ, еден од првите дипломирани граѓани во Македонија
Чедомир Лазаревиќ има 92 години, роден е во јануари 1930 година. Студирал на Електротехничкиот факултет во Белград. На студиската програма се запишал во 1950 година, веднаш по успешно положениот приемен испит.
- Уште како ученик во основно и средно училиште се занимавав со електрични инсталации и едноставно се заљубив во резултатите и истражувањата што ги читав, кои покажаа дека навистина сè може да се направи. Во домот честопати се обидував самостојно да ги поправам електричните уреди што беа достапни во тоа време. Сега, во ова модерно време кога технологијата напредува, многу ми е чудно кога се сретнувам со електронските уреди на моите деца и внуци и се прашувам - доколку пред повеќе од 60 години сум можел да расклопам, па повторно да составам или да поправам статичен телефон, лифт, шпорет и сл., дали во денешно време би можел да разберам како функционираат новите уреди? Воден од големиот интерес и љубов кон оваа струка, студиите ги завршив во 1957 година со многу добар успех. Во гимназија бев одличен ученик! Бев многу вреден и исполнителен, но ваквите особини на некој начин ме напуштија во студентските денови. Зошто? Затоа што условите за студирање не беа толку поволни, за разлика од оние во гимназиските денови. Кога зборувам за тоа како студиите не беа поволни, мислам на она ,,одвојување“ од родителите, со кое речиси секој студент се соочуваше. Кога живееме под покривот на своите родители, не мислиме на ништо! Не мора да размислуваме и да планираме што ќе јадеме и кога, ниту пак кога ќе станеме од спиење. Сето тоа го немаше на факултет - се присетува нашиот соговорник Чедомир Лазаревиќ.
Се одлучив за „јака струја“
Уписите на факултет не биле директно поврзани со школските дипломи. Уписот на факултет зависеше од приемниот испит.
- Конкретно за Електротехничкиот факултет условот за запишување на студиите беше положување приемен испит кој се состоеше од неколку математички задачи. По успешно положениот приемен испит се запишав на факултет, одбирајќи ја насоката „јака струја“. Имаше и други програми што ме привлекуваа, но се одлучив за „јака струја“ бидејќи отсекогаш имав желба практично да се занимавам со електротехника, а таа желба подоцна и ми се исполни. По завршувањето на факултетот две години работев во проектантсски воен завод, каде што го стекнав потребното знаење за изработка на проекти за електроинсталации - споделува Лазаревиќ.
Во времето на Југославија студиите беа исклучително тешки. Претпладне се одржуваа предавања по сите предмети, а попладне имавме вежби. Паузите ги користевме за враќање кон студентскиот дом, каде што ручавме и веднаш по тој краток одмор се враќавме на факултет за да учествуваме во вежбите, додава тој.
- Предавањата беа одлични! Според мене, тоа се должи на стручниот кадар кој се состоеше од професори од кои најголем дел беа поранешни ,,француски студенти“, односно студенти од Југославија кои се образоваа во Франција. Всушност, Французите ги издржувале студентите од Југославија, а на некој начин тоа беше помош од Франција за нашата држава по Првата светска војна. Сите наши професори пишуваа книги користејќи француска литература и морам да напоменам дека покрај стручното знаење од тие професори, се стекнавме и со вештини кои ни помогнаа убаво и јасно да говориме. Математиката за нас беше најтежок предмет, но имавме среќа што голем дел од часовите беа водени од многу принципиелен демонстратор кој несебично сакаше да ни го пренесе своето знаење. А од нас, група млади студенти, не можеше да биде поштеден ниту еден вработен на факултетот, па така за демонстраторот го смисливме прекарот Воја Коњ бидејќи имаше став и држење како шаховската фигура коњ. Неговиот принцип беше: додека дава насоки и објаснувања, ниту еден студент не смее да пишува, туку само да слуша. ,,Деца, велеше тој, ова е многу важно. За да разберете што ви објаснувам, бидете внимателни и само слушајте. Кога ќе завршам, земете ги вашите тетратки и пенкала и почнете со решавање на задачите испишани на таблата“ - раскажува Чедомир Лазаревиќ.
Електротехничките факултети биле исклучително тешки
Најмногу ги сакавме предавањата што се однесуваа на електрични уреди, а особено бевме заинтересирани за предавањата поврзани со асинхрониот мотор, измислен од страна на големиот научник Никола Тесла. До денешен ден за мене не постои поголемо чудо од тој изум! Роторот се врти без физички допир со статорот благодарение на таканаречено вртливо поле. Проблем со набавка на учебници не постоеше! По сите предмети имавме учебници кои беа пишувани од страна на нашите професори. Веројатно тоа беше барање од „школските власти“ - секој професор да има свој учебник. За нашите професори тоа воопшто не претставуваше проблем бидејќи тие стекнуваа навистина солидни знаења за време на едукацијата во Франција. дополнува Лазаревиќ.
Електротехничкиот факултет, веднаш по Машинскиот, важел за најтежок факултет.
- По завршувањето на студиите младиот инженер имаше навистина големо знаење. Беше особено тешко во првите години, додека при крајот на студиите учењето не беше толку напорно бидејќи материјалот не беше обемен. Сè на сè, студиите на електротехничките факултети низ цела Југославија може слободно да се опишат како исклучително тешки студии. Голема штета е што електроинженерите, и покрај големото знаење, не можеа да најдат соодветна работа. Се чинеше како сите студенти да беа принудени да се занимаваат со струка која е неповрзана со студиите бидејќи тогашна Југославија немаше потреба од високостручни кадри. Најдобро ,,поминуваа“ оние студенти што успеваа да се вработат во фабрика за изградба на трансформатори и електрични мотори - потенцира Лазаревиќ.
На писмениот испит добил 10-ка, додека на усниот потфрли
Испитите се полагале во два дела: устен и писмен.
- Неретко се случуваше одредени студенти да поминат одлично на писмениот дел, но да покажат помало знаење на усниот дел од испитот. Причината можеше да биде навистина сешто! Голем број студенти не можеа да ја совладаат тремата што се јавуваше при секое излегување на бината во амфитеатарот. И навистина е тешко! Застануваш на „бинатa“, но колку и да си сигурен во своето знаење, колку и да веруваш во себе, десетици погледи се упатени кон тебе и исто толку пара уши внимателно ги следат твоите зборови. Во една пригода еден професор, за време на усниот испит, ми кажа: ,,Многу ме чуди како на писмениот испит доби 10-ка, додека на усниот потфрли“. На тоа следуваше мојот одговор: ,,Доколку дозволите, би сакал да објаснам. Нашиот познат тркач Отенхајмер обично прв ги завршуваше трките, меѓутоа, трчајќи низ Белград на една трка истиот тој Отенхајмер не успеа да стигне прв, по што новинарите го преплавија со прашања. Едно од тие прашања било - што е тоа што се случило погрешно за тој да не пристигне прв на целта. Отенхајмер, без воопшто да се налути на таквото прашање, само се насмеал и одговорил: Премногу ја доживував трката пред трката. Таквиот одговор бил награден со аплауз од публиката. А, за мене, тоа навистина има голема смисла! Кога човекот е опуштен и безгрижен, може да постигне многу поголем успех отколку кога би дозволил да го обземат црни мисли.“ На професорот многу му се допадна мојот одговор и веруваше дека можам да постигнам многу повеќе на усните испити, а тоа се покажа точно понатаму на моите студии - раскажува нашиот соговорник.
Стипендијата ми го избра и животниот пат
Електроинженерите биле многу почитувани и ценети личности и благодарение на нивното знаење, стручност и труд, извршена е многу брза електрификација во многу рурални средини, што им го олеснило, поедноставило и разубавило животот на жителите.
Југославија им помагала на студентите на тој начин што овозможувала стипендии бидејќи на некој начин живееле во сиромашни времиња и најголем број студенти немале пари за студирање.
- Моите родители имаа два сина - јас и мојот постар брат. Во една пригода нашиот татко ни рече: ,,Драги мои синови, јас многу би сакал вие да се стекнете со високо образование. Јас сум службеник, со мала плата и немам можности да издржувам двајца студенти. Еден од вас треба да земе стипендија, а другиот јас ќе го издржувам.“ Одлуката ја препуштивме на мојот постар брат бидејќи таков беше обичајот. Па така, тој одлучи јас да земам стипендија, а неговите студии да бидат финансиски поддржани од моите родители. Секако, ваквата одлука воопшто не ми пречеше, но ми беше многу важно моето семејство да биде свесно дека по завршувањето на студиите, јас нема да бидам во можност да одбирам работно место, ниту пак град во кој ќе работам, туку едноставно ќе морам да заминам онаму каде што армијата ќе ме испрати. Многу е интересно како една одлука во минатото е главна причина за многу работи што се случуваат подоцна во животот. Па така, по завршувањето на студиите армијата ме прати во Скопје, каде што ја започнав својата кариера и се вљубив во мојата сопруга, со која сме во брак веќе 6 децении. Секогаш постоеше ризик за повторно преместување во друг град, но тоа не се случи, така што бев навистина среќен да останам да живеам во Скопје со своето семејство и истовремено да ја работам работата од моите соништа - се присетува Чедомир.
Кој и да завршел факултет, веднаш имал работа
Студентите имале скромни стипендии, но доволно за пристојно да живеат, со тоа што имале обврска да работат онаму каде што давателот на стипендијата ќе ги испрател.
- Немавме никакви бенефиции, ни еден студент немаше! Но, секој еден од нас беше многу среќен што му е дадена шанса да студира, а со тоа да има можност да стане угледна личност, да има добра плата и да живее многу подобро. Во поглед на забава, немавме многу можности, најмногу од финансиски причини и преокупираност со обврски. Но, верувајте, бевме неизмерно среќни со малку. Бевме среќни кога трпезата беше полна, кога сите во друштвото беа здрави и, секако, кога успешно ги положувавме испитите. Бевме големи љубители на храна, но на забавите со колегите и пријателите не беа изоставувани ни алкохолните пијалаци - ни споделува Чедомир.
По завршувањето на факултетот, ние, воените стипендисти, добивавме ослободување од ангажмани во времетраење од еден месец. Веројатно тоа беше награда за успешно завршените студии, или како што сакавме да кажуваме - армијата доделуваше слободни денови за оние за кои парите за студии не беа „фрлени џабе“, вели тој.
- Во тоа време не постоеше избор на работно место. Кој и да завршеше факултет, можеше да пронајде работно место уште веднаш. Според планот, студиите траат 5 години, но ретко кој успева да заврши во тој временски рок. Обично се студираше 6 години, некогаш и повеќе, а исто така беше исклучително ретко некој да студира 10 години. Кај оние што подоцна ги завршуваа студиите причината не беше мрзливост или неспособност, туку недостиг на пари. Јас ги завршив студиите во 1957 година, кога имав 27 години. Завршив во септември, а набрзо потоа ми беше обезбедено работно место во воена проектантска организација. Таа организација се занимаваше со проектирање на воени објекти, но и со обука на млади инженери. Во кариерата напредував на идентичен начин како што се напредуваше во армијата. За 10 години се стекнав со чинот мајор, а потоа требаше да поминат уште 10 години за да се стекнам со чинот потполковник. Таквите решенија беа во согласност со воените прописи, бидејќи за некој во армијата побрзо да напредува кон секој чин, беше потребно да биде шеф. А, според воените прописи, електроинженер не можеше да биде шеф, туку можеше да биде само референт. За некој да стане шеф, беше потребно покрај успешност во работата да биде и архитект и градежник, што е сосема нормално бидејќи учеството на електрични инсталации во повеќето објекти е занемарливо во однос на градежните работи. Приближно тоа учество на електрични инсталации може да се опише со 10 отсто - додава Лазаревиќ.
Фото: приватна архива