X
 10.07.2024 Технологија

Хакери обезбедиле десетици илјади бесплатни билети за концерт - прва на удар е Тејлор Свифт

Најголемиот американски сервис за продажба на билети за разни настани - „Тикетмастер“ пред повеќе од еден месец беше жртва на хакерски напад. Во тоа време беа украдени многу податоци, на пример, приватните податоци на повеќе од 560 милиони корисници што купувале билети преку „Тикетмастер“ и „Лајв нејшн“ во изминатите години. 

Хакерите од групата „Шајни хантерс“ ги понудиле податоците на продажба барајќи 500.000 долари за нив на црниот пазар.

Уценување на жртвата

Сепак, продажбата очигледно не одела добро, па сега посегнале по нов метод - уцена. Повеќе од 166.000 кодови биле објавени на интернет за преземање бесплатни билети за најбараната турнеја во светот во моментот - турнејата „Ерас“, односно концертите на Тејлор Свифт за кои е речиси невозможно да се набави билет. Тие потоа го предупредиле „Тикетмастер“ дека ќе продолжат да ги објавуваат податоците доколку не им биде исплатен откуп од 2 милиони долари.

Компанијата не се согласила на уцени, но преку соопштение за медиумите објавила дека шифрите за преземање билети на нивната платформа постојано се менуваат, што би значело дека ваквото „протекување“ на податоци не може да им наштети, ниту може некому да му обезбеди бесплатен билет. За тоа служи нивната технологија за заштита од измами.

Сепак, дошло до нов пресврт - групата „Шајни хантерс“ повторно објавува украдени податоци, шифри за околу 39.000 билети за различни концерти, од Ред хот чили пеперс, Брус Спрингстин, Фу Фајтерс, Металика, Перл Џем до Аланис Морисет, Аеросмит и Пинк. Хакерите тврдат дека шифрите на овие билети не се менуваат. Станува збор за шифри кои можат да се испечатат дома за да може вистинскиот билет да се подигне на самото место. Значи, кој ги користи објавените украдени податоци и ги следи упатствата (кои ги објавија и хакерите), може бесплатно да испечати билет и  да влезе на некој од концертите.

Во меѓувреме, од „Тикетмастер“ потврдиле дека меѓу многуте кориснички податоци биле украдени и податоци за кредитни картички, па затоа ги известиле своите клиенти да бидат внимателни. Хакирањето е извршено преку надворешниот облак-систем на компанијата „Сноуфлејк“, а иако е меѓу најголемите, не е ни единствениот случај. Наводно, 165 клиенти на истата компанија претрпеле помали или поголеми хакерски упади и кражба на податоци. Речиси сите сега се мета на хакери-уценувачи.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија