X
 10.08.2020 Наука

Сателитски фотографии од еколошката катастрофа на Маврициус

Островската земја Маврициус се наоѓа пред еколошка катастрофа откако брод кој пренесувал нафта удрил во корален гребен во близина на брегот, кон крајот на јули. Оваа несреќа предизвика да се истури огромно количество нафта што се гледа и од вселената. Несреќата може да предизвика и поголема еколошка катастрофа доколку бродот продолжи да се распаѓа.

Бродот „МВ Вакашио“, во сопственост на јапонската компанија „Нагашики Шипинг“, удрил во корален гребен во близина на југоисточниот брег на Маврициус на 25 јули. Следната недела се појавила пукнатина на бродот. Во бродот има 4.290 тони мазут, 228 тони дизел и 99 тони масло за подмачкување, што ги пренесувал од Кина до Бразил.


Фото: Twitter

Властите во Маврициус изјавиле дека ова е првпат да се соочуваат со катастрофа од овој вид и не се доволно подготвени да го решат проблемот.

Истурањето на нафтата не се случило наеднаш. Бродот се заглавил кога удрил во гребенот, а набрзо бил евакуиран екипажот. Испумпувањето на нафтата не било успешно бидејќи силните бранови во океанот го удирале бродот. Нафтата почнала да се излева во океанот од пукнатина во трупот на бродот минатата недела.

Сината вода во Маврициус привлекува многу туристи, а од неа зависи и рибната индустрија во земјата. Со сателити биле направени фотографии од излевањето на нафтата на 7 август. На фотографиите се покажува огромно количество црна нафта како ја загадува лагуната и се движи кон брегот.



Од јапонската компанија што го поседува бродот изјавиле дека напорите за спасување биле прекинати поради лошите услови, но дека ја набљудуваат ситуацијата. Локацијата на која се наоѓа бродот е заштитена според меѓународен договор за зачувување и одржливо користење на водите. Таа се наоѓа во близина на туристичката дестинација „Блу беј марин парк“.

Повеќе групи се обидуваат да го спречат протокот на нафтата од бродот, меѓу кои се крајбрежната стража, компанијата „Полиеко“ и францускиот остров Реунион. Од „Гринпис Африка“ изјавиле дека ова е најстрашната еколошка криза што досега се случила во оваа мала островска земја.

За жал, ова не е единствената несреќа со нафтена дамка што се случи годинава. Најмалку 8 големи истурања на нафта се случиле годинава. 

Автор: Лора Гегел
Извор: livescience.com

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука