X
 27.08.2020 Живот

Маските за лице: Еколошка катастрофа што може да трае со децении

Носењето маски е задолжително во голем број земји низ светот. Но, и пред да станат задолжителни, маските предизвикаа проблеми и на копно и во вода. Неодамна на една плажа во Хонг Конг биле пронајдени 70 фрлени маски. Исто така и во Средоземното Море биле видени маски што пловат.

Секојдневно се среќаваме со стотици пораки за тоа како се носат маски, а мал дел од нив објаснуваат како се фрлаат или рециклираат, пишуваат група автори од Универзитетот во Портсмунд.

Без подобра практика за фрлање на маските ни претстои еколошка катастрофа. Повеќето маски се произведуваат од долготрајни пластични материјали чие разложување може да трае од неколку децении до стотици години, што би значело дека може да имаат многу ефекти врз животната средина и врз луѓето.

Опасност и за луѓето и за животните


Досега истражувањата покажаа дека коронавирусот може да преживее на хируршка маска до седум дена. Од моментот кога е несоодветно фрлена, маската претставува опасност за работниците во комуналните претпријатија, собирачите на секундарни суровини, но и за оној што ќе се доближи до контејнерот или кантата за да го фрли ѓубрето.

Долгорочно, несоодветното фрлање на маските е вистинска опасност за растенијата и животните. Познато е дека пластичниот отпад го задушува и уништува екосистемот. Некои животни не можат да ја уочат разликата помеѓу пластичен предмет и плен, така што кога ќе голтнат дел од маската, може да дојде до задушување. Дури и ако не се задушат, животните остануваат гладни бидејќи материјалот што им го наполнил стомакот не обезбедува хранливи материи, ниту се разградува како храна, па така им е отежнато варењето. Помалите животни можат лесно да се заплеткаат во маските и ракавиците.

maska

Со текот на времето пластиката се распаѓа на помали парчиња, и колку подолго се наоѓа ѓубрето во околината, толку повеќе ќе „влезе“ во екосистемот. Пластиката најпрво се распаѓа во микропластика, а потоа во нанопластика. Овие ситни честички и влакна често се долготрајни полимери што можат да се инфилтрираат во синџирот на исхрана. Само една маска може да произведе милиони честички, од кои секоја има потенцијал да внесе хемикалии и бактерии во синџирот на исхрана, а потенцијално дури и кај луѓето.

Што можеме да направиме?

Во март Светската здравствена организација оцени дека се потребни 89 милиони дополнителни маски за еднократна употреба на глобално ниво за борба против Ковид-19.

Тим од Универзитетскиот колеџ во Лондон ги испитувал производството, употребата и отстранувањето на маските за еднократна употреба, повеќекратна употреба и маските за повеќекратна употреба со филтри за да се пресмета нивното целокупно влијание врз животната средина.

Тие откриле дека еднократните маски, без филтри, што може да се перат во машина, имаат најмало влијание врз животната средина, во текот на една година. Маските со филтри што се перат рачно имаат поголемо влијание врз животната средина бидејќи - додека за машината е потребна електрична енергија - перењето на раце бара повеќе вода и детергент за секоја маска. Филтрите за еднократна употреба, исто така, го зголемуваат влијанието врз животната средина затоа што овие мали филтри често се направени од пластика слична на онаа што се користи за правење маски за еднократна употреба.

Всушност, можеби ќе бидете изненадени кога ќе откриете дека трудот заклучува дека маските со филтри за повеќекратна употреба имаат најголемо влијание врз животната средина како целина - дури и поголемо од употребата на маски за еднократна употреба.

2

Имајќи го тоа предвид, треба да преземеме и некои чекори за намалување на негативното влијание на маските врз животната средина.

- Користете маски за повеќекратна употреба без филтри. Можете да ги перете во машина и потоа да ги испеглате. Носете со себе и резерва за да не мора да купувате маска за еднократна употреба ако се случи нешто што не сте го предвиделе.

- Ако носите маска за еднократна употреба, спакувајте ја, а потоа фрлете ја најдобро дома, во канта со капак. Доколку тоа не е возможно, фрлете ја во канта за отпадоци.

- Без оглед на тоа за која маска ќе се одлучите, не фрлајте ја на улица или во природа, туку во канта за отпадоци!

Извор: The Conversation
Фотографии: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот