Според најновите научни мерења, во последните неколку години, поради забрзаното топење на ледниците на планинскиот масив Кебнекаисе, Шведска го загуби својот највисок планински врв.
- Ова е прилично јасен показател за сите во Шведска дека нештата се менуваат - истакна географот Гунхилд Нинис Росквист од Универзитетот во Стокхолм, која веќе неколку години се занимава со мерење на нивото на ледниците.
24 метри понизок отколку што бил во 60-тите години
На крајниот север на Шведска, околу 150 километри во Арктичкиот круг, Кебнекаисе има два врва - јужен и северен. Од почетокот на мерењата, значи од 1880 година, јужниот врв бил повисок. Но, кога Росквист и нејзиниот тим ги извршиле овогодишните мерења, северниот врв бил за 1,2 метар повисок од јужниот и имал висина од 2.097 метри.
Според претходните мерења, јужниот глацијален врв бил висок 2.106
метри.
- Се сомневавме дека тоа се случило уште минатата година, но, за жал, поради недоволно прецизните мерни уреди, не можевме да потврдиме со сигурност. Но, сега можеме - истакнува Росквист и додава дека јужниот врв сега е рекордно низок, 24 метри понизок отколку што бил во 60-тите години.
Росквист истакнува дека врвот се намалил во текот на изминатите две децении, кога почнал да губи по еден метар годишно.
Овие години загубил речиси 4 метри
Со оглед на тоа дека се очекува во текот на зимата ледникот да закрепне до некоја мера, поради наносите на снег и лед, јужниот врв би можел повторно на некое време да го преземе водството.
- Сега тие одреден период ќе се менуваат во однос на тоа кој е повисок. Но, трендот на намалување на висината на врвот е јасно видлив - истакна Росквист.
Таа објаснува дека за раст на ледниците како оној на јужниот врв, поважни се ладните лета отколку острите зими.
Шведска во мај и во јули
минатата година ги забележа најтоплите месеци во историјата, со температури повисоки за 10 Целзиусови степени над просекот. Кога на тоа ќе се додадат и пожарите што неодамна го зафатија Арктикот, јасно е зошто оваа година ледникот на Кебнекаисе се смалил за речиси четири метри.