X
 28.02.2020 Живот

Старите и млади Швеѓани мора да се дружат по два часа неделно за да ја победат осаменоста

Осаменоста е голем проблем во Шведска, а ги погодува и младите и старите. Во повеќе од половина од сите домови живее само една личност, а често се случува младите да живеат сами откако ќе го завршат училиштето.

- Бев осамена кога живеев сама. Работев осум часа, одев дома, јадев и почнував да играм видеоигри. Станував сè подепресивна - вели 20-годишната Фиа Стегрот.

- Имав многу удобен живот, но бев толку осамена. Имаше денови кога не зборував со никого - вели 86-годишната Ганел Ериксон.

Оваа зграда со станови во Хелсингборг се обидува да го реши овој проблем. Само луѓе под 25 години и пензионери можат тука да изнајмуваат станови. Постои необична клаузула во нивниот договор за домување. Старите и младите мора да се дружат по два часа неделно.

Становите се управувани од компанија за домување финансирана од градскиот совет.

- Младите луѓе може да им пренесат енергија на постарите и знаење со цел да можат да менаџираат со протокот на информации во општеството. Се надеваме дека постарите ќе им пренесат на помладите малку историја за тоа како функционирале работите претходно - вели Драгана Куровиќ од „Хелсингборг хоумс“.

Зградата претходно била дом за пензионери. Има многу простории што можат да се делат, дизајнирани за луѓето да се социјализираат. Луѓето можат да готват, да вежбаат или да играат игри заедно.

- Видовме дека помладите и постарите се обидуваат да контактираат меѓу себе и успеаја во тоа - вели Драгана.

- Фиа ми помогна многу со мојот компјутер и телевизорот. Се чувствувам многу подобро - вели Ганел.

- Ганел е многу е забавна личност и ме научи многу за нејзиниот живот - вели 20-годишната Фиа.

Персоналот разговара со оние што не се социјализираат, но засега се чини дека сите одлично се согласуваат.

Менаџерите се надеваат дека ќе изградат и други вакви домови за да им помогнат на осамените луѓе.

- Се надеваме дека ќе успееме и во други градови во Шведска, но и во целиот свет - вели Драгана.



Извор: BBC
Фото: Screenshot/BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот