„Иако секој образовен систем се разликува според специфичностите на своето поднебје, сите се согласивме дека добрите практики треба да се споделуваат и адаптираат на локалните потреби, но клучно е тие да останат автентични и соодветни на специфичните потреби на учениците“, е заедничкото мислење на наставниците и научниците – добитници на Нобелова награда по Светскиот самит за наставници во Стокхолм, Шведска, на кој учествуваа околу 400 наставници од целиот свет, меѓу кои и тројца од Македонија.
Марина Атанасовска, одделенски наставник во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје, Никола Ѓелинчески, наставник по англиски јазик во приватно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје и Елена Апостолоска, наставник по математика во ООУ „Живко Брајковски“ во Скопје беа меѓу добитниците на престижната стипендија што ја доделува Шведскиот институт, со што им се овозможи учество на светскиот Самит за наставници организиран од Музејот за Нобелова награда.
- Самитот беше несекојдневен настан, искуство што верувам дека ќе ми остане во сеќавање како едно од врвните обележја во мојот професионален развој. Имав можност на едно место да сретнам инспиративни добитници на Нобелова награда, кои зборуваа на теми од суштинско значење за нас, наставниците. Покрај тоа, ми беше привилегија да разменам искуства со колеги од целиот свет - професионалци и истакнати наставници во своите земји, што беше огромна мотивација и инспирација - истакна за „Факултети.мк“ наставничката Елена Апостолоска.
Нашите наставници имаа можност да учествуваат на предавања, панел-дискусии и интервјуа со добитници на Нобелова награда, научници и психолози, кои од различни перспективи разгледувале тема од големо значење во образованието.
- Тема на годинешниот самит беше „Minding the Brain“, со фокус на улогата на мозокот во процесот на учење и како овие сознанија можат да го обликуваат образованието. Се дискутираше за тоа дали образовните системи се во чекор со најновите научни откритија и дали нашите училници и програми се соодветни за овој напредок. Суштината на самитот беше токму во ова – при создавање образовна средина, треба да го земеме предвид функционирањето на мозокот за подобри резултати кај учениците - објасни Апостолоска.
Иако образовните системи во светот се разликуваат според спецификите на секоја земја, сепак, наставниците го делат заедничкото мислење за важноста на професијата која бара храброст, истрајност и креативност, според Апостолоска.
- Често се повлекуваше паралела меѓу нас и нобеловите лауреати – и ние стоиме на страната на знаењето и вистината, исто како и тие. Иако секој образовен систем се разликува според специфичностите на своето поднебје, сите се согласивме дека добрите практики треба да се споделуваат и адаптираат за локалните потреби, но клучно е тие да останат автентични и соодветни на специфичните потреби на учениците. Нашиот образовен систем се соочува со значајни предизвици – потребата од практична примена и логична поврзаност на знаењата што ги стекнуваат учениците, како и реформата на уписната политика која влијае врз објективноста на оценувањето. Јасно е дека образованието треба да биде независно од дневната политика и да се потпира на континуирано вложување и доследност во донесувањето одлуки, образложи наставничката по математика.
Нашите наставници беа дел и од четиридневната ексклузивна продолжена програма наменета за меѓународни учесници преку која имаа можност да се запознаат со шведскиот образовен систем преку посета на локални училишта, да учествуваат во подлабоки дискусии со колеги од целиот свет и да разменат искуства.
- Шведскиот образовен систем се истакнува со својата фокусираност на индивидуалниот развој на учениците и приспособувањето на наставата според најновите научни откритија. Системот поттикнува независност и критичко размислување кај учениците, додека наставниците уживаат во голема автономија и простор за креативност, што овозможува создавање иновативни училници. Шведскиот образовен модел е флексибилен и посветен на иднината, што го прави исклучително интересен и инспиративен – ги сподели импресиите наставничката Елена Апостолоска.
Настанот беше можност за професионален развој на наставниците, со уникатни споредби кои трајно ќе влијаат врз македонските наставници.
- Ако морам да издвојам една инспиративна идеја, таа би била од нобеловецот Дејвид Мекмилан, кој науката ја гледа како начин да му се помогне на светот, а клучот за успехот го гледа во великодушноста на умот – со споделување на знаењата и идеите. Тоа е идеал што би сакала да го негуваме и овде – дека споделувањето идеи и знаење е од клучно значење за напредокот на учениците и општеството во целост - заврши Апостолоска.
Фото: приватна архива