X
 10.09.2021 Живот

Забрани за жените што талибанците ги воведоа пред 20 години

Откако талибанците се вратија на власт во Авганистан по 20 години, фокусот на светската јавност е на шеријатскиот закон, начинот на кој се применува и што значи тоа за жените и девојчињата.

По освојувањето на Авганистан, портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, ѝ се обрати на јавноста осврнувајќи се конкретно на правата на жените и рече дека тие ќе ги имаат сите права според шеријатот.

- Ги гарантираме сите права на жените според шеријатскиот закон. Жените можат да работат во образованието и во здравството. Ако меѓународната заедница е загрижена, треба да знае дека нашите жени ќе ги имаат сите права според шеријатот. Нашите жени се муслиманки и мора да го почитуваат шеријатскиот закон - рече Забихула.

Додека целиот свет жали за судбината на авганистанскиот народ, за кој се предвидува дека ќе се врати во мрачните времиња на диктатурата, талибанците во последните денови ги повикуваат жените да се приклучат на нивната идна влада. Сепак, многумина се скептични за оваа драстична промена и веруваат дека  Авганистан стана исклучително опасно место за жените.

Иако сѐ уште не е познато кои слободи ќе им бидат одземени на Авганистанките во иднина, кога талибанците последен пат беа на власт (1996 до 2001 година), тие претрпеа нехумана репресија. Револуционерната асоцијација на жени во Авганистан (РАВА) објави список со правила кои нудат само краток увид во пеколот во кој Авганистанките беа принудени да живеат под талибанците.

Во овој извештај тие го наведуваат следново: - Талибанците се однесуваат полошо кон жените отколку кон животните. Иако е нелегално да се чуваат птици во кафези, Авганистанките беа заробени во ѕидовите на нивните домови. Жените немаат значење во очите на талибанците, освен ако не се занимаваат со раѓање деца, задоволување на сексуалните потреби на мажите или исцрпувачките домашни обврски.

1
Фото: Screenshot/YouTube

Ова е списокот со 29 правила што талибанците ги воведоа за жените кога последен пат владееја:

- Целосна забрана за работа надвор од домот. Во некои болници во Кабул можеа да работат само неколку докторки и медицински сестри. Но, сите други професии беа резервирани за мажи.

- Целосна забрана за активности за жените надвор од домот, освен ако не се придружени со махрам, близок машки роднина, како татко, брат или сопруг.

- Забрана за водење бизнис со машки трговци.

- На жените не им е дозволено да ги лекуваат машки лекари.

- На жените им е забрането да студираат во училишта, универзитети или која било друга образовна институција.

- Жените мора да носат бурки, долги превези што ги покриваат од глава до петици.

- Жените кои не беа облечени според талибанските правила или кои не носеа шамија, беа камшикувани, тепани и навредувани.

- Доколку нивните глуждови не беа покриени, тие беа казнети со тепање во јавност.

- Јавното каменување е казна за жените обвинети за секс надвор од бракот.

- Употребата на козметика е забранета. На многу жени со лакирани нокти им беа отсечени прстите.

- На жените не им е дозволено да зборуваат или да се ракуваат со мажите, освен со махрамот.

2
Фото: Screenshot/YouTube

- На жените не им е дозволено да се смеат гласно.

- На жените не им е дозволено да носат потпетици, бидејќи мажот не треба да ги слуша женските чекори.

- На жените не им е дозволено да патуваат со такси без махрам.

- На жените им е забрането да присуствуваат на радио, телевизија или јавни собири од секаков вид.

- На жените им е забрането да спортуваат или да влегуваат во спортски центар или клуб.

- На жените им е забрането да возат велосипед или мотор, дури и со махрамот.

- На жените не им е дозволено да носат облека со светли бои, односно, како што ги нарекуваа талибанците, „сексуално привлечни бои“.

- На жените им е забрането да се собираат на празници или за рекреативни цели.

2
Фото: Screenshot/YouTube

- На жените им е забрането да перат облека на река или на јавни места.

- Имињата на сите места што го содржеа зборот „жена“ се сменети. На пример, „женската градина“ беше преименувана во „пролетна градина“.

- На жените не им е дозволено да се појават на балконите во своите куќи.

- Задолжително обојување на сите прозорци, за жените да не гледаат надвор од своите куќи.

- На кројачите им е забрането да земаат женски мерки или да шијат женска облека.

- На жените им е забрането да користат јавни тоалети.

- На жените и мажите не им е дозволено да патуваат со ист автобус.

- На жените не им е дозволено да носат панталони, дури и под бурка.

- Забрането фотографирање или снимање жени.

- Забрането е печатење фотографии на жени во весници или книги.

Како функционира шеријатот?


Како и секој правен систем, и шеријатот е комплексен и неговата практика целосно се потпира на квалитетот и обуката на професионалци. Исламските правници издаваат упатства и пресуди, а упатствата што се сметаат за формално правни решенија се нарекуваат фатви.

Според толкувањето на Би-би-си, постојат пет различни школи на шеријатското право, а доктрините се разликуваат во тоа како буквално се толкуваат текстовите од кои произлегува шеријатскиот закон.

Шеријатскиот закон е исламски правен систем кој функционира и како основен верски морален кодекс на исламот и како правила што важат за сите области од животот, вклучувајќи ги и верските обврски, секојдневните рутини и личните верувања.

Извор: Lolamagazin.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот