ИСИЛ ги користи социјалните мрежи како никоја друга терористичка организација. Преку социјалните мрежи тие регрутираат нови членови и шират пропаганда, а сега е откриено и дека користат и апликации како „WhatsApp“ и „Telegram“ за да продаваат језидски жени и девојки.
Овие апликации користат „end-to-end“ енкрпиција што значи следењето и читањето на пораки на овие апликации е практично невозможно. Некои од девојките кои ги продаваат имаат само 12 години. Преку апликациите за разговор тие споделуваат фотографии од девојките и договараат цена.
И покрај обидите девојките и жените да се ослободат, ИСИЛ моментално држи во заробеништво околу 3.000 девојки, а повеќето од нив биле заробени во 2014 година, кога Исламската држава ги нападнала нивните села во северниот дел на Ирак.
Некои од жените успеале да побегнат, а една изјавила дека цената на едно девојче од 12 години изнесува околу 13.000 долари.
Језидите се курдиска етно-религиозна група во Ирак, која комбинира елементи на неколку стари блискоисточни религии, а ИСИЛ ги смета за „ѓаволски верници“ и сака да ги преобрати или уништи.