X
 10.09.2022 Живот

Најголемата бродска несреќа во историјата за која веројатно не сте слушнале

Потонувањето на британскиот брод „Титаник“ во 1912 година, со над 1.500 смртни случаи, веројатно е најпознатата несреќа со брод на сите времиња. Меѓутоа, таа не е најголема во поглед на загубени животи.

Во Втората светска војна имало поголеми бродски несреќи во кои биле загубени илјадници животи. Најлошо било потонувањето на германскиот воен транспортен брод „Вилхем Густлоф“ во јануари 1945 година од страна на воена подморница на СССР. Во несреќата загинале околу 9.400 лица. Оваа несреќа е најголемата бродска несреќа во историјата.

Бродот „Вилхем Густлоф“ првично бил изграден за да биде патнички брод кој ќе нуди рекреативни и културни активности за германските работници, како концерти, крстосувања и патувања. Бродот бил долг 208,5 метри и требало да биде именуван по Адолф Хитлер, но наместо тоа, бил наречен по лидерот на швајцарскиот огранок на Нацистичката партија. Густлоф бил убиен во 1936 година.


Фото: Wikipedia

Бродот имал капацитет за околу 1.900 луѓе, меѓу кои и 400 члена на екипажот. Бродот не бил поделен по класи и сите соби имале приближно иста големина. Единствен исклучок била една поголема соба која била резервирана за Хитлер. На бродот не можело да патува кој било, туку само оние што биле одбрани од партијата.

На почетокот на Втората светска војна бродот служел како болница, а од ноември 1940 година бил закотвен во Полска, каде што служел за сместување на војниците.

Во 1945 година било одлучено бродот да се искористи за пренесување германски бегалци од Полска. За неколку дена во бродот имало речиси 8.000 луѓе, а потоа на него се качиле уште 2.000 луѓе. Бродот го напуштил брегот на 30 јануари, носејќи со себе околу 10.000 патници.

Првично со бродот требало да пловат уште три брода, но поради проблеми, останал само еден. „Вилхелм Густлоф“ бил насочен кон длабоки води каде што немало мини, а за да одбегне удар со друг брод, капетанот ги активирал навигациските светла на бродот. Набрзо бродот бил забележан од подморница на СССР која го следела бродот и подоцна го нападнала.

Биле пуштени само девет спасувачки чамци, а на бродот се создало стампедо од луѓе кои брзале да се спасат. Во несреќата биле спасени околу 1.200 луѓе, а точниот број на загинати не е познат. Се проценува дека во несреќата загинале од 6.500 до 9.600 луѓе.

Извор: Amusing planet
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот