Меѓу најстарите училишта во Македонија се смета скопското „Свети Kирил и Методиј“ кој лани одбележа 180 години од своето постоење. Во 1836 година во дворот на црквата „Пресвета Богородица“ било отворено првото училиште во Скопје, а децата можеле да учат на македонски јазик
Пред сто години во Македонија имало само четири училишнита, додека денес нивниот број изнесува 1.205. Ова е еден од интересните податоци кои пред Нова година ги објави Државниот завод за статистика, во рамките на пописот на училишен простор на основни и средни училишта. Четирите училишта постоеле од 1912 до 1929 година и тие биле за основно образование. Според официјалните податоци, првите редовни средни училишта биле отворени по Втората светска војна, биле пет, а оваа бројка се задржала до 1963 година. Во тој период работеле и три дополнителни основни училишта - специјално, за возрасни и уметничко училиште. Во тој период бројот на редовни основи училишта веќе пораснал на 42.
Од 1930 до 1945 година во Македонија постоеле 15 редовни училишта за основци.
Драстични промени во 21 век
Каква била состојбата со училиштата од 1964 до 1980 година? Во овој период постоеле вкупно 88 училишни згради. Од нив 71 биле за основно, а 14 за средно образование. Во овој период веќе не постоеле објекти за основно училиште за возрасни, но било отворено средно специјално училиште. Во следниот период, од 1981 до 1997 година во земјава работеле 132 училишта - 111 редовни основни, 17 редовни средни, по едно специјално основно и основно за возрасни и две уметнички учлилишта. Во овој период не постоело средно специјално училиште.
Бројката драстично се зголемува од 1997 година до денес. Во овој период бројот на редовни основни училишта пораснал на 845, а на средни на 116. Има вкупно пет специјални основни, две основни училишта за возрасни, девет основни уметнички, пет специјални средни и две верски училишта.
Дел од Скопје, до Камени мост (Wikipedia)
Денес вкупно 1205 училишни згради
Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи во рамките на Пописот на училишниот простор на основните и средните училишта во Република Македонија, во 2016 година, бројот на основните и средните училишта изнесува 1205.
- Од вкупниот број училишта, 89.5 отсто се за основно образование, а 10.5 отсто се за средно образование. Од овие училишта, најголем процент се редовни училишта - 93.2 отсто, од основните училишта и 95.3 отсто од средните училишта. Својата образовна дејност училиштата ја извршуваат во 1 342 училишни згради. Според годината на изградба/последна реконструкција, адаптација или санација, најголем број, односно 984 училишни згради се од периодот 1998-2016 година - велат од Државниот завод.
Најстарите училишта во Скопје и во Велес
Инаку, меѓу најстарите училишта во Македонија се смета скопското „Свети Kирил и Методиј“ кој лани одбележа 180 години од своето постоење. Во 1836 година во дворот на црквата „Пресвета Богородица“ било отворено првото училиште во Скопје. Децата можеле да учат на македонски јазик. Појавата на училиштето е врзано со преродбеникот, учител и народен просветител, Јордан Хаџи Kонстантинов - Џинот, кој дошол во ова училиште во 1848 година, по покана на градските првенци. Тоа било пресвртница во просветниот и културниот живот на Скопје. Тој вовел клупи, ги разделил учениците по одделенија, вовел таблици, песочници, географски карти, глобус и слично. Училиштето го добило името на светите солунски браќа на 11 мај 1858 година, кога е оджана првата прослава во нивна чест.
Хаџи Константинов-Џинот учителствувал и во Велес, каде се наоѓа уште едно старо училиште, познато како „Св. Ѓоргија“ и се наоѓа во месноста Прцорек. Се наоѓа на улицата „Богдан Каракостев бр. 14“, каде постои табла на која пишува: „Тука 1857 година, со средства на жителите од брзоречката општина е основано првото класно трговско училиште во Македонија“.