Семејните теми и портрети на „малите“ луѓе доминираат како тематика во филмовите што ќе бидат прикажани на годинашната Недела на шпански филм, која ќе почне денеска во Кинотека и ќе трае до 18 ноември. Оваа традиција на Кинотеката трае од октомври 2009 година, кога започна првото претставување на шпанската кинематографија.
Манифестацијата ќе почне со проекцијата на документарниот филм ОМЕГА (Omega) на Хервасио Иглесиас. Публиката неделава ќе може да ги гледа и „Духот на пчелната кошница“ од Виктор Ерис, кој во хрониките на шпанската кинематографија е закитен со епитетот „врвно остварување“, дебитантскиот филм на Базилио Мартин Патино - „И девет писма за Берта“ што спаѓа меѓу најзначајните наслови на новата шпанска кинематографија, како и „Национално наследство“ и „Ракетата од Калабуч“ на Луис Гарсија Берланга, кои се суптилна вивисекција на четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко.