X
 23.08.2017 Култура

Приказната за најпопуларните ножици во светот

Веројатно го знаете Олоф Бакстром, дизајнерот на класичните ножици со портокалови рачки.

Компанијата што ги произведува, „Фискарс“, тврди дека има продадено над милијарда низ целиот свет, така што голема е шансата вакви ножици да имате и во вашиот дом. Но можеби не го знаете ова: во Финска, од каде што потекнува Баксторм, ножиците претставуваат икона, така што нивниот 50-ти роденден се слави со специјална изложба во музејот за дизајн во Хелсинки.

Овие едноставни алатки за домаќинството станаа извор на национална гордост во земја која сериозно го сфаќа дизајнот.

„Тие се најраспространетиот производ чиј дизајн потекнува од Финска. Во Финска, кога некој споменува ножици, веднаш се мисли на „Фискарс“. Не постојат други ножици - па затоа не се земаат здраво за готово“, вели Пека Корвенма, професор по дизајн и култура на финскиот Универзитет „Алто“.

Фото: CNN

Секојдневните корисници воопшто не ни размислуваат на дизајнот на ножиците, меѓутоа, Корвенма вели дека тој е пресуден.

„Нивниот успех произлегува од ергономичната изведба - обликот и фаќањето на рачката. Ги земате ножиците во раката и чувствувате дека одговараат на вашата рака“, додава тој.

Сепак, вистинскиот успех не лежи во обликот, туку во материјалите. Повеќето од ножиците достапни во 1967 година, кога Баксторм го направи неговиот пробив во дизајнот - биле направени од тешко железо.

„Ножиците за кројачи беа ужасно скапи, па „Фискарс“ го презеде обликот и искористи евтин материјал - пластиката. Наместо да се прават од железо, ножиците почнаа да се прават од челик со мало парче метал во средината Целиот процес на производство стана прилично едноставен и евтин“, вели Корвенма.

„Ножиците станаа многу подостапни“, вели Марика Оркамо, потпретседател за брендирање и маркетинг во „Фискарс“.

„Не секое домаќинство ги имало, дури и во 60-тите, но на крајот тие станаа дел од масовниот пазар“, додава таа.

„Фискарс“ користел различни бои низ годините, меѓутоа, компанијата е поврзана со карактеристичната портокалова боја, а „Фискарс оринџ“ дури и стана регистрирана трговска марка во Финска во 2003 година.

Изборот на оваа специфична боја бил сосема случаен.

Фото: CNN

„Кога биле произведени првите примероци, требало да има три опции - црна, зелена и црвена. Но момчето што ја мешало пластиката претходно правело соковник со портокалова боја, па имало остатоци од бојата во машината. Тој прво сакал да ја искористи портокаловата за да не троши пластика. Кога на вработените од „Фискарс“ им биле претставени четирите примероци, победила портокаловата боја“, објаснува Марика.

Иако оригиналната боја доминирала, биле направени промени во дизајнот, прво предложени од Баксторм, кој починал во 1998 година на возраст од 75 години. Аголот на сечење бил променет за да ги подобри перформансите, а од 80-тите компанијата почнала да користи потрајна пластика.

Наредниот месец Музејот за дизајн во Хелсинки ќе биде домаќин на изложба на дела од уметници и дизајнери кои ги користат или се инспирирани од едноставните портокалови ножици.

„Ножиците се секојдневен предмет, па бевме загрижени дека би можело да биде прилично досадно. Потоа размисливме дека постојат различни начини на кои се користат овие ножици, како и различни индустрии“, вели Оркамо.

Резултатот е разновидна колекција од модни дизајнери и други уметници. На изложбата ќе се појави и диџеј кој го носи името Диџеј Фискарс.

„Ги имам овие ножици уште како дете. Ги користам во работата постојано. Ножиците на „Фискарс“ се доста познати и во Шведска - но не мислам дека луѓето знаат дека се од Финска. Повеќето од нив мислат дека се шведски“, вели уметникот и дизајнер Мартин Бергсторм, кој на изложбата ќе се претстави со две дела: долг фустан и колажи направени од сушени цветови.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура