Соленоста на езерските води варира од една до друга локација и од сезона во сезона. Иако многумина ќе помислат дека Мртвото Море како водена површина ја поседува најголемата количина на сол во светот, сепак не е така. Во продолжение ќе ги наведеме седумте најсолени езера во светот.
Фото: igeografija.mk
1. Езерото Гаетале Понд е дел од серијата мали езерца лоцирани во близина на изворот Далол во Етиопија. Сместено е во Афарската депресија во Северна Етиопија, која имено е еден од најактивните тектонски региони во светот. Според локалното население, ова езерце било формирано по земјотресот, во јануари 2005 година. Гаетале е најсоленото езеро во светот, со соленост од 43%. Водата е составена од магнезиум хлорид со 1,43 mol/kg и калциум хлорид со 2,72 mol/kg. Останатите елементи што ги содржи водата се натриум, калиум и нитрат јон. Честопати испушта токсични гасови, за што сведочат мртвите инсекти и птици кои често се наоѓаат во близина на неговите брегови, а истражувачите сметаат дека тие се опасни и смртоносни и за здравјето на луѓето што го посетуваат ова езеро. Но, она што навистина го издвојува Гаетале Понд од останатите езера е неговата количина на сол. Благодарение на вулканските процеси во областа, езерцето има неверојатно висока соленост од 43 проценти (главно калциум хлорид и магнезиум хлорид), што го прави најсолено водно тело на Земјата. Имено, водата во езерцето Гаетале Понд е повеќе од 12 пати посолена од водата во светските океани, кои имаат соленост од приближно 3,5 проценти.
Фото: igeografija.mk
2. Дон Хуан Понд е солено езеро во долината Рајт, околу 9 км западно од езерото Ванда. Се смета за најсолено езеро на Антарктикот и второто солено езеро во светот, по Гаетале Понд. Има ниво на солена вода од околу 33% и доминира калциум хлорид. И покрај тоа што се наоѓа во еден од најстудените региони на Антарктикот, тој е толку солен што никогаш не замрзнува дури и со температури под -50°С. Се верува дека Дон Хуан Понд ја добива својата сол од протокот на подземни води што се слева од падините на планините Олимп и Асгард и од растворање на минерали од околните карпи. Сепак, неодамнешните студии на тим геолози од Универзитетот Браун сугерираат дека Дон Хуан Понд својата сол ја добива од врнежите, а не од подземните води.
Фото: igeografija.mk
3. Езерото Ретба
На околу 28 км од Дакар, главниот град на Сенегал, има невообичаено езеро кое сигурно ќе го привлече вниманието на секој посетител токму поради неговата необична, но живописна розова боја. Неговата изразена розова боја е предизвикана од бактеријата Дуналиела салина, која создава црвен пигмент, со цел да ја апсорбира сончевата светлина, која на езерото му дава уникатна боја. Неговата боја е особено видлива за време на сувата сезона (која трае од ноември до јуни), а помалку за време на дождовната сезона (јули-октомври). Воедно, езерото Ретба е одделено од Атлантскиот Океан со тесна дина. Освен што е популарно по својата розова боја, езерото привлекува внимание и по високата концентрација на сол. Изнесува околу 40% во некои области, што го прави трето езеро во светот по количина на сол. Неговата содржина на соленост се споредува со онаа на Мртвото Море и за време на сувата сезона го надминува. Имено, солта во езерото ја вадат над 3.000 рудари од Западна Африка и главно се користи за зачувување на рибите.
Фото: igeografija.mk
4. Езерото Ванда се наоѓа во долината Рајт на Антарктикот. Долго е приближно 5 км и длабокo 760 м. Ова езеро има соленост од околу 35%, повеќе од Мртвото Море. Исто така, се смета за меромиктско езеро, што значи дека плитките води не се мешаат со водите на дното. Езерото Ванда се храни од реката Оникс, најдолгата река на Антарктикот, која во текот на летните месеци носи вода стопена од мразот.
Фото: igeografija.mk
5. Гарабогазкол е плитка лагуна на Каспиското Море, во северозападен Туркменистан и зафаќа површина од приближно 17,8 км2. Лагуната е одделена од Каспиското Море со тесен, карпест гребен, кој овозможува водата од морето да се влева во лагуната. Гарабогазокол има солено ниво од околу 35%, скоро 30 пати поголемо од Kаспиското Mоре. Поради високото ниво на соленост, лагуната нема вегетација.
Фото: igeografija.mk
6. Езерото Асал е едно од многуте езера во Големата Раседна Долина во Африка. Ова солено кратерско езеро се наоѓа на 153 м под морското ниво, што го прави најниската точка во Африка. Лоцирано е во централниот дел на африканската држава Џибути, поточно 120 км западно од градот Џибути и притоа најмногу се користи за вадење сол. Езерото се храни од морски извори кои испаруваат на топлото време. Воедно, ова езеро не истекува, а поради високото испарување, нивото на соленост на неговите води е 10 пати поголемо од морската вода, што го прави шесто солено езеро во светот по количина на сол. Имено, Асал ги има најголемите резерви на сол во светот и беше прогласено како заштитено подрачје во државата Џибути во 2000 година. Но, поради неконтролираната експлоатација на сол од езерото, владата на Џибути побара од УНЕСКО зоната на езерото Асал и вулканот Ардукоба да бидат заштитени како светско наследство.
Фото: igeografija.mk
7. Мртвото Море, исто така наречено Солено Море или солено езеро, се наоѓа помеѓу Израел и Јордан, во југозападна Азија. Неговиот источен брег му припаѓа на Јордан, а јужната половина на западниот брег му припаѓа на Израел. Ова море, или езеро, како што го нарекуваат многумина, припаѓа во групата на најсолени езера во светот. Реката Јордан, од која Мртвото Море ја прима скоро целата вода, се влева од северната страна. Мртвото Море претставува најниската точка на Земјата. Воедно, ако има нешто што секој го знае за Мртвото Море, тоа е дека не можете да потонете во него. Тоa е осум или девет пати посоленo од океаните во светот, толку густo и богатo со минерали што дури не се чувствува како нормална вода, повеќе како маслиново масло помешано со песок. Но, Мртвото Море е исто така уникатен екосистем и чувствителен барометар за состојбата на животната средина во дел од светот каде што сушната клима и потребата за наводнување на фармите се комбинираат за да создадат постојан недостиг на вода.
Фото: igeografija.mk
Во меѓувреме, треба да напоменеме дека водата во светските океани е исто така солена. Океаните во светот имаат просечно ниво на соленост од 3,4% до 3,6%, што е далеку под нивото на соленост на ултрасолените езера. Последователно, за разлика од некои солени езера, повеќето океани поддржуваат многубројни живи организми. Соленоста на океаните не се распределува рамномерно, бидејќи областите кои доживуваат големо испарување се посолени отколку областите со мало испарување. Областите во кои врне големо количество на дожд или се поблиску до бреговите се помалку солени, бидејќи се разредуваат со слатка вода.
Автор: Бојана Алексова, дипл. географ
Извор и фото:
igeografija.mk