X
 10.12.2021 Култура

Музеј во кој кустосите носат панцири, а за влез е потребна посебна дозвола

Во „ничија земја“, демилитаризираната зона меѓу Јужна и Северна Кореја, се наоѓа музеј на уметноста.

На 38. паралела, каде што е исцртана границата меѓу двете Кореи, јужнокорејски и меѓународни уметници ќе можат да ги изложат своите дела во музејот симболично наречен Унимару. Унимару е спој од два корејски збора: „уни“, што значи еден и „мару“ што значи простор.

Првата изложба во необичниот музеј „2021 DMZ Art and Peace Program“ се одржа во септември годинава, а се состоеше од 34 уметнички дела од 32 автори.

На отворањето имаше отворен покрив за посетителите да можат да видат повеќе од челичната фасада, „која го претставува ограниченото време и простор во демилитаризираната зона“, велат организаторите на изложбата.

Во зградата, која беше празна до почетокот на 2021 година, гостите можеа да видат една празна инсталација. Таа е резервирана за делата на севернокорејските уметници кои, според организаторите, ќе бидат изложени во нивниот музеј.

Бидејќи Јужна и Северна Кореја технички сè уште се во војна, вработените во музејот и посетителите мора да се придржуваат до превентивни мерки. Џеон Шим Чунг, уметнички директор на Унимару, вели дека работниците носат панцирни елеци кога ја поставуваат изложбата, а безбедносната проверка на посетителите е голема.

Не повеќе од 30 луѓе можат да влезат одеднаш во просториите на уметничкиот музеј, што делумно се должи на коронавирусот, а пред пристигнувањето мора да се побара дозвола од Министерството за обединување на Јужна Кореја.

Кога ќе им биде одобрена посетата, гостите се превезуваат до Унимару со специјален автобус, а има и дрес-код, забранети се мини здолништа, шорцови и сѐ што има камуфлажна шема. Исто така, не е дозволено фотографирање, како и влез на деца до осум години.



Извор: b92.net
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура