Големиот француски кинематографер Пјер Лом пристигна во Македонија заедно со неговата сопруга Рене. Пјер е лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на годинешното 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Кинематограферот со задоволство ја прифатил поканата од директорот на фестивалот, Благоја Куновски, да биде дел од фестивалот кој ја слави работата на кинематограферите.
„Среќен сум што дојдов во Македонија, секогаш е добро кога ќе се посети нова земја“, рече Лом веднаш по пристигнувањето на скопскиот аеродром. Со неговата сопруга се информирале за Македонија на интернет и најмногу сакаат да ја видат Битола.
Пјер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, работел со американскиот режисер Џејмс Ајвори, со кого има снимено четири, многу важни филмови за неговото творештво.
Во 40-годишната кариера тој ги има снимено некои од ремек-делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот „Сирано де Бержерак“. Но и еден од најкултните филмови на сценаристот и режисер Жан-Пјер Мелвил, „Армија од сенки“ (1969).
Пјер Лом, како главна ѕвезда на годинашното издание на „Браќа Манаки“, ќе остане во Македонија неколку дена, а во рамките на програмата публиката ќе има ретка можност да присуствува на разговорот со големиот мајстор на камерата.