X
 11.02.2023 Наука

Никогаш немало помалку морски мраз во историјата на мерењата. Зошто?

На почетокот на февруари вкупната површина на морскиот мраз, на Арктикот и на Антарктикот, падна на 15,94 милиони квадратни метри, што е најниско ниво од почетокот на водење евиденција во 1979 година, покажуваат сателитските податоци.

Важно е да се нагласи дека податоците се однесуваат на морскиот мраз кој лебди на површината на океанот на Арктикот и Антарктикот и не го вклучува мразот на копно, како што се ледените плочи и глечерите. Сепак, тоа не го намалува фактот дека тие области, исто така, се намалуваат поради климатските промени.

Дел од површината на океанот се замрзнува во текот на зимата, додека во текот на летото се топи. Површините што замрзнуваат во текот на зимата може да бидат поголеми или помали во некои години во споредба со површините што се топат, но поради климатските промени, во последните децении стопените површини генерално ги надминуваат замрзнатите.

клима
Фото: Klima101

Од друга страна, со оглед на тоа што графиконот се однесува на површините во двете хемисфери, треба да се земе предвид дека периодичните циклуси на замрзнување и одмрзнување на Северниот и на Јужниот Пол се одвиваат во различни делови од календарската година. Во моментов на Арктикот е зима, а на Антарктикот лето.

На Арктикот, минимумот на морскиот мраз обично се постигнува во септември, а максимумот во март. На Антарктикот ситуацијата е обратна - минималниот морски мраз се јавува во март, а максималниот во септември.

Според Американскиот национален центар за снег и мраз, во доцната зима на северната хемисфера арктичкиот морски мраз зафаќа просечно 15,5 милиони квадратни километри, додека во доцната зима на јужната хемисфера морскиот мраз на Антарктикот покрива околу 18,5 милиони квадратни километри.

Антарктикот трпи многу поголеми загуби на мраз во лето, имајќи предвид дека неговата површина, на крајот на летото, паѓа на само 2,5 милиона квадратни километри, додека просекот на Арктикот е околу 6,5 милиони квадратни километри. Сепак, важно е да се забележи дека од 2002 година оваа бројка е во постојано опаѓање.

Во нормални околности, максималната површина на морскиот мраз на половите во текот на годината е околу 25 милиони квадратни километри, што е два и пол пати повеќе од површината на Канада. Ова значи дека морскиот мраз се формира на околу 15 отсто од површината на светските океани во текот на најмалку еден период од годината.

Иако природната варијабилност игра улога во губењето на морскиот мраз, температурите во регионите на Арктикот и Антарктикот се зголемуваат повеќе од глобалниот просек од 1,1 °C, што придонесува за негово повлекување.

Така, минатогодишното истражување покажа дека Арктикот се загреал четирипати побрзо од остатокот на планетата од 1979 до 2021 година. Ситуацијата не е подобра ниту на југ: таму е потопло за 3,2°C.

Температурата во површинските слоеви на водата на запад од Антарктичкиот Полуостров се зголеми за повеќе од 1°C.

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука