X
 31.08.2024 Живот

Отпорноста на антибиотици ги прави лековите бескорисни. Дали тоа може да се промени?

Светот се соочува со сè поголема закана од бактерии кои развиваат отпорност на познати антибиотици, што ги прави есенцијалните лекови неефикасни. Но, сега истражувачите работат на нови ветувачки стратегии за третман, со цел тие отпорни бактерии уште еднаш да бидат подложни на лекови.

Појавата на бактерии отпорни на антибиотици е наречена „тивка пандемија“ поради нејзиното тајно глобално ширење и недостигот на итно внимание во јавноста, во споредба со другите пандемии, особено во регионите каде што употребата на антибиотици останува главно неконтролирана.

Процените од извештајот за 2019 година објавен од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) посочуваат дека отпорните бактерии убиле најмалку 1,27 милиони луѓе во светот 2019 година.

- Отпорноста на антибиотици е голема закана за јавното здравје бидејќи голем дел од модерната медицинска нега зависи од антибиотиците - породување, третман на рак, трансплантација, операции и инфекции - вели Замин Икбал, професор по алгоритамска и микробна геномика на Универзитетот во Бат, Велика Британија.

Што ја предизвикува оваа катастрофа?

Главни виновници се прекумерната употреба и злоупотреба на антибиотици, и во медицината и во земјоделството. Тоа е така затоа што отпорноста на антибиотици произлегува од природниот еволутивен процес.

Имено, кога популација на бактерии е изложена на антибиотик, сите генетски мутации што им овозможуваат на бактериите да го преживеат лекот брзо ќе се рашират помеѓу бактериските клетки. Постојаното користење различни антибиотици може да доведе до тоа бактериите да развијат отпорност на повеќе лекови, што резултира со соеви кои повеќе не се лекуваат со ниту еден познат антибиотик - со потенцијално фатални последици.

Со оглед на оваа застрашувачка реалност, мораме да ја продолжиме ефективноста на антибиотиците што веќе ги имаме што е можно подолго додека се смислуваат нови, алтернативни решенија. Еден начин да се постигне ова е со изнаоѓање стратегии што можат да го променат процесот со кој бактериите стануваат отпорни.

За да го постигне ова, Џоана Азередо, вонредна професорка на Универзитетот Мињо во Португалија, го искористува природниот непријател на бактериите: бактериофагите или вирусите што ги инфицираат бактериите. Накратко познати како фаги, овие вируси често се разгледуваат како ветувачка стратегија за третман против бактериите отпорни на антибиотици поради нивниот потенцијал да ги убијат клетките што ги инфицираат. Меѓутоа, наместо да ги убиваат бактериите, фагите за кои Азередо е заинтересирана се вметнуваат во геномот на бактериите.

Вообичаен механизам за отпорност што бактериите го користат и против фагите и против антибиотиците се биофилмите, кои ги штитат бактериските клетки од штета. Фредрик Алмквист, професор по органска хемија на Универзитетот во Умеа, Шведска, заедно со молекуларниот биолог Кристина Сталингс, професорка по молекуларна микробиологија на Универзитетот во Вашингтон, развиваат хемиски соединенија кои ги разградуваат биофилмите на бактериите отпорни на лекови, повторно правејќи ги чувствителни на антибиотици.

Други истражувачи преземаат поинаков пристап: тие го таргетираат механизмот на отпорност низводно, наместо да ја елиминираат неговата основна генетска причина. На пример, истражувањето на Деспоина Мавриду, асистент-професор на Универзитетот во Тексас, Остин, има цел отпорните бактерии повторно да ги направи чувствителни со тоа што ќе ги спречи клетките да создаваат протеин кој помага да се збијат други протеини.

Дизајнирањето нови антибиотици е скапо и тешко, што е една од многуте причини поради кои малку антибиотици се во развој. Така, од клучно значење е да се заштити и продолжи ефективноста на антибиотиците што веќе ги имаме. Иднината на кризата со отпорност на антибиотици е неизвесна, но тековните истражувања нудат надеж за иновативни стратегии кои би можеле да го променат текот на овој глобален предизвик. Сепак, императив е да учиме од претходните грешки. Секоја нова стратегија што ќе ја усвоиме треба да ги предвиди начините на кои бактериите би можеле да еволуираат за да се спротивстават на третманите.

Извор: Livescience.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот