X
 11.02.2023 Наука

Откриена планета на која би можело да има услови за живот

Астрономи откриле карпеста планета на која би можело да има услови за живот. Оваа планета кружи околу ѕвезда на доволна оддалеченост за на неа да има вода, според научниците.

Астрономите планираат да ја истражуваат оваа планета подетално за можни знаци на вонземен живот. Од над 5.000 егзопланети што сме ги откриле досега, само десетина ги имаат теоретските услови за живот како оваа планета.

Планетата наречена Волф 1069 б се наоѓа во ѕвезден систем на оддалеченост од 31 светлосна година од Земјата.

- Кога ги анализиравме податоците од Волф 1069, откривме јасен сигнал на планета со маса приближна на Земјата - изјавила Дијана Косаковски од астрономскиот институт „Макс Планк“.

Планетата прави круг околу блиска ѕвезда за 15,6 дена, но прима помалку радијација од неа, што значи дека нејзината површина веројатно е постудена од онаа на Земјата. Температурите може да се движат од -22 Целзиусови степени до 13 Целзиусови степени доколку се претпостави дека планетата е направена од карпеста содржина.

Меѓутоа, не се знае дали таа има атмосфера. Освен тоа, едната страна на планетата секогаш е свртена кон ѕвездата, а другата страна никогаш.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука