X
 11.04.2022 Колумни

Наместо наслов – парче муабет со матуранти

И ете. Испраќаме уште една генерација апатични, демотивирани, непотковани со знаење, а толку прекрасни деца. Се бунтуваме (со право) за малите плати. Точно е. Но забораваме нешто многу поважно: детето е во училницата за бесплатно да купи ум, модел на однесување и да креира свој хоризонт, според тоа што ние му го исцртуваме како нешто што го очекува. Него не го засега колку сме платени. Таа битка е само наша, надвор од училницата и треба да си ја водиме. Надвор

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Ситно броиме до крајот на годината. Матурантите со кои работам, особено. Заминуваат од средношколските клупи на 20 мај и зачекоруваат во новата животна етапа – некој се гледа себеси како студент, некоја како сопруга, некој како заминат на Запад, некој како вработен во кафуле, некој сѐ уште не знае. Сите, прекрасни млади луѓе, израснати и созреани во клупите. Секој со своето сфаќање на учебниот амбиент, со својот влог во него онолку колку што можел, сакал и сметал дека треба. Сите различни, но едно нешто ги врзува сите – емоцијата која ја носат со себе денес, на прагот кој треба да го пречекорат и да заминат од најубавиот период во животот – средношколската доба. Емоцијата која се исчитува како олеснување што си одат, а се мери со мала доза на знаење и голема доза на сфаќање на неговата непотребност.

Според природата на моите предмети, ги среќавам учениците дури во четврта година, веќе оформени, со креирани ставови најмногу околу тоа колку е доволно за да биде доста, како се фаќаат сите кривини и како да добиеш, а да не се вложиш. Многу помалку како навистина да учиш, да разбереш и да го носиш наученото со себе како патоказ цел живот – она на кое ние постарите учители со носталгија се сеќаваме како придобивка на едно друго време, во кое училиштето навистина беше вториот дом и место каде што, како што секогаш милувам да кажам, ние мозокот им го трансформиравме во ум, а тие сакаа да бидат со нас во вистинска смисла за заеднички да успееме.

Нејсе. Мојата работа со матуранти на крајот од годината секогаш подразбира и поттикнување на нивниот личен израз околу тоа што за нив значат четирите години во клупите. Дотолку повеќе што еден од моите предмети е Менаџмент, за кој првото што им го кажувам кога се запознаваме во септември е дека предметот не е само збир на лекции. Менаџмент е живот. Материја која ќе ги научи на нешто повеќе и на нешто поважно и која ќе им се најде во животот распослан пред нив. Во моментов ја работиме менаџерската функција мотивирање, и тоа низ поврзување со она што ним им се случувало низ годините, а придонело енергијата која ги раздвижува да се зголеми, што ќе рече дека биле мотивирани, или да опадне, што пак значи дека се пренасочила во друга насока и ги дефинирала како демотивирани чекачи на времето кога ќе ѕвони и ќе си заминат.

Секогаш по ваквите часови сфаќам дека голем, огромен дел од ерозивниот материјал кој многу долго го јаде воспитно-образовниот организам самите го произведуваме како учители, да ви кажам. Сите ние. Во нашите „лаборатории“ создадовме организам во стилот на Осмиот патник, кој толку многу ни го замагли учителскиот хоризонт, што дозволивме да паднеме во очај, да бидеме несреќни во училницата – најубавото место на свет, да не се исправаме во битките за враќање на нејзиниот сјај. Во борбата за себе, да не се бориме за најважното – за децата пред кои стоиме.

Одговорите што децата ги наведоа како свои мислења можат да ни послужат како прирачник, искрено. Дел од нив и не сакаа да муабетат – сакаат само да си одат, што е и важно веќе. И тоа е, секако, своевиден показател за тоа како се чувствуваат. Но оние што споделија дел од себе, мошне убаво ја опишаа атмосферата во која израснаа покрај нас. Првин, многу добро сфаќаат што е мотив и немам некоја особена потреба да им го додефинирам. Што би кажало едно умно девојче: „Знам што е мотив, затоа што го немам.“

Немањето мотив за поголем себевлог, го дефинираат на различен начин. Пред сѐ, умеат да се навратат и наназад, во основното училиште каде што од денешна дистанца, умеат да согледаат кој се трудел и оставил печат во нивното сеќавање, а кого го помнат само затоа што постоел во тој дел од нивниот живот. Од првите научиле да учат, а од вторите, се чини помногубројни, за жал, сфатиле дека ете, и не мора, па таквиот светоглед го селат во својот средношколски живот, во кој или продолжиле да учат или опстојале на неморањето. Секако, сите без исклучок, овие стартни аспекти на однесување ги надградиле согласно мотивирачкиот или демотивирачкиот импакт од новите учители, како и согласно сите фактори од нивното учебно опкружување кои вака или онака ја креирале нивната потреба да учат. Вистински да учат и да се среќни притоа.

Имаат децата многу што да кажат. Ако треба да им предавам за менаџерот како мотиватор, па да го одговориме прашањето кој е добар менаџер, точно знаат каков треба да е, ако тој лик го пресликаат во нивната училница. Знаат што е енергијата која би требало да ги движи, што е ориентацијата кон целта, а што се силите кои влијаат врз нив на патот кон остварувањето на целта. Знаат кои фактори можат да влијаат врз одреден начин и зошто. За поголем дел од нив, согласно сето она што им се сервирало низ годините како „здрав оброк за нивно добро“, а притоа не биле прашани за вкусот, придонело да голтаат без напор и потреба од џвакање.
Дисциплинираните деца јасно прават разлика меѓу дисциплината и мотивираноста – учат затоа што им треба оценка, сакаат да ја задржат, но и знаат дека зад оценката нема многу. Ама сфаќаат и дека нема потреба, и онака никој не ги прашува колку знаат. Колку сфаќаат, уште помалку. Важни се ситуационите решенија кои им нудат перспектива која им е потребна. Седат мирни притоа, несреќни во таа улога. Ние? Ние не сфаќаме зошто се мирни. Недисциплинираните, пак, своето однесување по сите аспекти прецизно го дефинираат како усвоено сфаќање дека како и да е, ќе си заврши и човек ќе стане, по принципот „четири години имам куп слаби и куп изостаноци, си поминувам без проблем, зарем последнава година нешто ќе ми се случи“. И точно е. Затоа кога им ја кажувам убавата менаџерска: „Нема поголема неправда од еднакво однесување кон нееднаквите“, децата ме гледаат со жалење (а и јас нив) и имаат проблем да ја оправдаат (имам и јас) – затоа и престануваат да учат, да се борат за редовност. А и зошто би, кога навистина е така. Петки има и оној што нема час изостанок и се труди да даде сѐ од себе, еднакво како оној што е отустен и кога ќе се појави, ќе знае за петка и ќе ја добие. Родителското влијание – фактор плус. Еднакво како оној кој за двојката што ја посакува (иако може многу повеќе, ама нема мотив за тоа) ќе одговара на две теми за да ја поправи слабата, а оној другиот кој едвај е тука, ќе принаучи нешто мерено „колку за два“ и толку и ќе добие. Ние? Ние им го дозволуваме тоа. Еднакво како што, поради нашите лични дефокуси и неизвојувани битки, ги „програмиравме“ на нас да гледаат исто како и ние на нив: во нивните очи и оној што е во училница со ѕвоното и се дава себеси максимално за секое дете станува еднаков со оној за кого ѕвоното е 10 минути подоцна, а часот е забава за масите. Вториве дури во моментов се крунисани како добри мотиватори кои сфаќаат што им треба, за разлика од првиве, досадни веќе и аман од нив.

И ете. Испраќаме уште една генерација апатични, демотивирани, непотковани со знаење, а толку прекрасни деца. Се бунтуваме (со право) за малите плати. Точно е. Но забораваме нешто многу поважно: детето е во училницата за бесплатно да купи ум, модел на однесување и да креира свој хоризонт, според тоа што ние му го исцртуваме како нешто што го очекува. Него не го засега колку сме платени. Таа битка е само наша, надвор од училницата и треба да си ја водиме. Надвор. Внатре, во училницата, битките се поинакви: за добар амбиент кој нема да ги отепува, за часови кои нема да ги успијат, за атмосфера во која ќе сакаат да стапнат, како во вода од која не им се излегува. Битка за простор за нас во нивните умови. За утре, кога ќе си приспомнат за овој дел од нивниот живот, да се сетат на нас како на некој кој успеал да ги извлече од мачната реа на непотребност. И ќе се насмевнат притоа. Без оглед на тоа што за ваков тежок зафат, толку тежок да се чини невозможен, не бил платен доволно.

Среќен пат, дечки.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни