X
 18.06.2024 Колумни

Колумна: Какви се долгорочните проекции за македонскиот пазар на труд?

Какви трендови може да се очекуваат кај македонскиот пазар на труд до 2035 година? Секако дека македонската економија во наредниот период нема да остане надвор од глобалните тенденции кои се очекува, во помала или поголема мера, да се одразат и кај нас.

Идеално усогласување на побарувачката со понудата на вештини на пазарот на труд не може да се постигне бидејќи економските актери своите одлуки ги донесуваат во услови на несовршени информации. Времето потребно за стекнување вештини кои водат кон формална квалификација варира од неколку недели па сè до неколку години, така што времето помеѓу одлуката на поединецот да стапи во образование/обука и влезот на пазарот на труд е долг процес. Раното предупредување за очекувањата на пазарот на труд може да влијае врз одлуките на луѓето и институциите, така што би се превенирале некои од непосакуваните исходи.

Извесен степен на т.н. фрикциска неусогласеност во вештините, како и недостаток на вештини може да се очекуваат во секоја динамична економија. Сепак, долготрајно висока неусогласеност може да доведе до штетни последици за поединците, компаниите и економијата во целост. На индивидуално ниво, ваквата неусогласеност има негативно влијание врз платите и врз задоволството од работата. На пример, поединци може да се соочат со потешкотии да најдат соодветна работа, да имаат повисок ризик од невработеност, а во случај на долгорочна невработеност и потенцијално обезвреднување на човечкиот капитал. Дисбалансот на вештините за компаниите предизвикува тешкотии во наоѓање на потребните работници, пониска продуктивност или понизок квалитет на производите, опаѓање на конкурентноста и дополнителни трошоци за инвестирање во обуки. Конечно, целата економија може да стагнира заради намалената конкурентност, можат да се појават негативни последици врз јавните финансии, социјална исклученост и други видови социјална патологија. За да се избегнат ваквите непосакувани исходи, неопходно е системско и континуирано предвидување на идната понуда и побарувачка за вештини на пазарот на труд.

Антиципирањето на потребите од вештини помага во носење информирани стратегиски избори од страна на креаторите на политики, како и учесниците на пазарот на труд и го подобрува неговото функционирање. Располагањето со вештини и пристапот до релевантни обуки за потребите на пазарот на труд претставуваат значајни фактори за зголемување на продуктивноста, општествениот раст и социјалната инклузивност. Резултатите од анализите на идните потреби за вештини се користат за повеќе намени, како што се: стручно насочување и кариерно советување, алоцирање на буџетски средства потребни за образовните програми, дизајнирање професионални и квалификациски стандарди, информирање на одлучувањето кај компаниите за развој на човечките ресурси, таргетирање на активните мерки од страна на агенцијата за вработување итн. Освен тоа, антиципирањето на идните трендови кај вештините се применува во предвидување и дизајнирање политики во други сфери како што се: индустриска, инвестициска, трговска, технолошка, еколошка и др. Широкиот спектар на засегнати страни наметнува потреба од дисеминација на резултатите од антиципираните вештини со цел соодветно да се насочи креирањето на политики.

На ниво на ЕУ, квантитативните проекции за идните трендови на вработеност според секторите на економска активност и групите на занимања ги спроведува CEDEFOP (Европски центар за развој на стручно образование). Исто така, се оценуваат и идните трендови за нивото на образование на населението, како и возраста на работната сила. Предвидувањата на вештините од страна на CEDEFOP се засноваат на хармонизирани меѓународни податоци и заеднички методолошки пристап со цел да обезбеди споредливост на резултатите во однос на трендовите на вработеност според сектори, занимања и квалификации. Предвидувањата и методологијата која се користи се валидираат од страна на група од национални експерти. Притоа, целта е да се понуди унифициран пристап, а не замена за националните предвидувања, кои често користат многу подетални методологии и податоци, а вклучуваат и продлабочено познавање за пазарот на труд во конкретната земја.

Методологијата на CEDEFOP применува модуларен пристап со следниве главни елементи. Прво, предвидување на страна на побарувачката (потреби од вештини) со фокус на работните места. Второ, предвидување на страна на понудата што се фокусира на расположливите вештини на пазарот на труд, како што е бројот на економски активно население, негова професионална структура и квалификации. Трето, се оценува неусогласеноста преку споредување на резултатите од модулите на страната на побарувачка и на страната на понуда. Сите модули користат заеднички податоци, методи и модели за сите земји со цел да се произведат сеопфатни и конзистентни проекции за вештините. Податоците главно се превземаат од базите на „Еуростат“, вклучително и демографските податоци (како историски, така и нивни проекции), националните сметки и анкетите за работна сила. Освен земјите на ЕУ, во проекциите се вклучени: Норвешка, Исланд, Швајцарија, Македонија и Турција.

Најновите пресметки на CEDEFOP за идните трендови на европскиот пазар на труд го опфаќаат периодот до 2035 година. Во тој контекст, идентификувани се неколку мегатрендови кои ќе ја обликуваат побарувачката и понудата на вештини во Европа. На прво место, носител на промените за вработување ќе биде т.н. двојна транзиција (дигитална и зелена). Имено, остварувањето на целните вредности од Европскиот зелен договор и постигнување на енергетска сигурност и автономност ќе доведе до згаснување на работни места во примарните индустриски гранки (особено јаглен, нафта и гас). Од друга страна, вработувањето во високо-профилна преработувачка индустрија ќе оствари корист од ЕУ регулативите и механизмите за поддршка. Зазеленувањето на економијата би се одразило врз значителен пораст на вработувањата во менаџментот со отпад, градежништвото, снабдување со електрична енергија, како водечки сектори на индустрискиот план за зелениот договор. Освен тоа, се очекуваат и ефекти на прелевање во секторите кои се поврзани преку синџирите на снабдување како што се инженерство, истражување и развој.

Натаму, според проекциите на CEDEFOP, најголем број нови работни места ќе се креираат за високо квалификуваните и немануелни занимања како што се стручњаци во бизнис и администрација, стручњаци за право, социјална работи и култура, како и стручњаци за наука и инженерство. Од друга страна, намалување на вработувањето се предвидува кај шалтерски работници, продавачи, занаетчии, земјоделци и сл. Тоа не е затоа што нивните вештини ќе станат помалку релевантни, туку заради фактот што новите технологии ќе овозможат тие да се инкорпорираат во задачите на високо квалификуваните работници. Освен тоа, значително намалување на работни места се предвидува кај мануелните занимања во преработувачка индустрија, како и кај помалку квалификуваните немануелни занимања.

Демографскиот предизвик со кој се соочува ЕУ, исто така претставува голема транзиција која би се одразила врз пазарот на труд. Имено, стареењето на населението и на работната сила би значело дека до 2035 година повеќето од новите работни места би се креирале заради замена во побарувачката. Со стареењето на населението би се намалиле стапките на учество во работната сила, особено кај мажите. Од друга страна, одложувањe на влезот на пазарот на труд заради образовна експанзија би го намалила учеството на младите возрасни групи. Овие структурни притисоци врз понудата, наметнуваат потреба од насочени активности со цел зголемување на учеството помеѓу средно-квалификуваните работници, особено жените, како и останатите групи население кои имаат поголем активациски потенцијал.

На ова место се поставува прашањето: Какви трендови може да се очекуваат кај македонскиот пазар на труд до 2035 година? Секако дека македонската економија во наредниот период нема да остане надвор од глобалните тенденции кои се очекува, во помала или поголема мера, да се одразат и кај нас. Според проекциите на CEDEFOP прикажани на графиконите подолу, се предвидува умерен, но постојан раст на бруто-домашниот производ проследен со постепено намалување на стапката на невработеност. Вкупното население умерено би пораснало до 2028 година, но потоа се очекува извесно намалување. Слично, работната сила постепено би се зголемувала до 2030 година, но потоа се предвидува нејзина натамошна стагнација до 2035 година.

Извор: CEDEFOP

Во однос на структурата на работните места според економски дејности кои се предвидуваат за наредниот период, исто така, видлива е сличност со движењата во останатите делови од Европа. Имено, според графиконот подолу може да се забележи дека пораст на вработеноста ќе има во производството на делови за моторни возила, административни и помошни услужни дејности, сместувачки и прехранбени услуги, и здравство. Порастот кај здравството и помошните услужни дејности е директно поврзана со стареењето на населението и намалувањето на работната сила. Скоро незначителни позитивни промени во вработеноста до 2035 година се очекуваат во градежништвото и образованието. Од друга страна, пад на вработеноста би имало во земјоделието, а потоа кај трговија на големо и мало, јавна администрација и производство на текстил, облека и кожа. Тоа се дејностите каде што, под влијание на новите технологии, во најголема мера би се заменил човековиот труд.

Извор: CEDEFOP

Значителниот напредок во дигиталните технологии, придружен со соодветно креирање и згаснување на работни места, прават дополнителен притисок врз потребата од антиципирање и предвидување на идните потреби од вештини. Во исто време, структурната природа на овие промени ја прави задачата за предвидување уште покомплексна. Понудата на вештини, исто така, треба да се развива, но за дизајнирање на нови наставни програми и обуки, кои се главна алатка на политиките како одговор на потребите од вештини, потребно е време. Со цел навремено да се информираат системите за образование и обуки, неопходно е континуирано антиципирање на потребите за вештини кое ќе понуди стратегиски решенија и ќе ги превенира евентуалните неусогласености. На овој начин би се постигнала висока продуктивност и конкурентност на македонската работната сила со цел нејзино полесно вклучување во глобалните снабдувачки синџири. Паралелно со ова, внимание треба да се посвети на инклузија на ранливите категории на пазарот на трудот и континуирано подобрување на нивниот човечки капитал со цел генерирање дополнителен трудов потенцијал. На крај, треба да се истакне дека неопходна е превенција на „одливот на мозоци“ преку промоција на Македонија како атрактивно место за живеење и работење со што би се придонесло за зголемување на нејзиниот развоен потенцијал.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни