X
 16.11.2024 Колумни

Колумна: Природниот експеримент и институциите на македонскиот пазар на труд

Човекот сфатен како homo economicus своето однесување во општеството го заснова врз донесување рационални одлуки со цел да ја максимира својата корисност. Историски гледано, своето живеење и економско дејствување, поединецот го остварува во рамките на пошироката заедница со која е во постојана интеракција. Функционирањето на секое општество денес не може да се замисли без постоење на институции кои соодветно би ги насочувале интеракциите на економските агенти. Од степенот на развој на општествените институции во голема мера зависи развојот на заедницата, како и благосостојбата на нејзините членови. Од тие причини, институциите континуирано се наоѓаат во фокусот на академскиот интерес, чија цел е постигнување нивен оптимален режим на функционирање. Во овој контекст, не случајно овогодишната Нобелова награда за економија им беше доделена на Дарон Ачемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон за нивниот придонес во истражувањето на општествените институции и нивното значење за општествениот просперитет.

Истражувајќи ги причините за разликите во просперитетот помеѓу нациите, овогодишните лауреати покажуваат дека развојот на поранешните колонии во голема мера бил условен од типот на институции кои ги воведувале колонизаторите. Доколку тие институции во голема мера биле „екстрактивни“, тогаш развојот на заедницата бил занемаруван за сметка на искористување што е можно повеќе ресурси од страна на владејачката гарнитура. Затоа општествата со недоволно развиени институции и владеење на правото не генерирале раст и промени кон подобро. Од друга страна, воведувањето „инклузивни“ институции во економскиот и политичкиот систем на колонизираните земји креирал долгорочен бенефит и просперитет за сите. Оттука, лауреатите покажуваат дека институциите се од централна важност за намалување на големите разлики во доходот меѓу државите, што претставува еден од најголемите предизвици на економската наука.

Институциите генерално се дефинираат како механизми што го насочуваат однесувањето на индивидуите во една заедница. Според тоа, тие претставуваат интегрирани системи од правила и норми што ги структурираат општествените интеракции. Поимот „институција“ вообичаено може да се однесува на неформални институции како што се, на пример, обичаите, но и формални институции што се создадени од страна на посебни ентитети како, на пример, владата и јавните институции. Во овој контекст, институциите на пазарот на труд се дефинираат како механизми што посредуваат во определување на платите и вработеноста на пазарот на труд. Овие институции настанале и се менуваат под влијание на актерите на пазарот на труд: работодавците, работниците и владата, која се јавува во двојна улога – како легислатор и спроведувач, од една страна, и како посебен тип работодавец, од друга страна.

Еволуцијата на институциите на пазарот на труд како резултат на развојот на демократските процеси на усогласување меѓу колективните интереси и пазарните сили е долготраен процес што е специфичен за секоја земја одделно. Имено, доколку овие институции се споредуваат меѓу различни земји, зачудувачка е нивната разноликост и хетерогеност. На пример, практикантството претставува клучна институција во земјите каде што повеќето работници се вработуваат преку регрутирање врз основа на тренинг, додека, пак, тоа е сосема маргинална институција во други земји. Различноста најчесто произлегува од специфичноста на општествениот и историскиот контекст, но исто така, и од различноста на поставените цели, при што ефикасноста и правичноста можат да бидат комбинирани на различни начини. Друг важен извор на хетерогеност е степенот на имплементирање на нормативите, што зависи од големината на неформалниот сектор, политичката волја, како и износот на средства што се издвојуваат за откривање и санкционирање на прекршителите.
Институциите на пазарот на труд постојат бидејќи се среќаваат пазарни несовршености кои спречуваат воспоставување оптимален рамнотежен исход. Во практика не постои идеално конкурентен пазар на труд бидејќи постојат значајни информациски асиметрии меѓу работодавците и вработените, како и екстерналии, односно добра што се произведуваат и се потрошуваат без посредство на пазарни интеракции. И во двата случаја на асиметрични информации и екстерналии, пазарите на труд ги повредуваат транспарентноста и комплетните пазарни својства на конкурентски пазар. Во овој контекст, добро дизајнирани институции на пазарот на труд може да ги поправат овие пазарни неуспеси и да го зголемат обемот на „колачот“ споредено со laissez-faire исходот. Освен тоа, институциите ја менуваат алокацијата на вишокот меѓу работодавците и вработените. Дури и во случај кога го намалуваат обемот на „колачот“, тие можат да ја подобрат положбата на едната пазарна страна во споредба со отсуство на институции.

Развојот на институциите на пазарот на труд во Македонија од нејзиното осамостојување, па сè до денес може да се подели во два периода: транзициски и посттранзициски. За првиот период беше карактеристично постепено редуцирање на сигурноста на работниците наследена од претходниот социјалистички систем со цел постигнување поголема флексибилност на пазарот на труд. Вториот период се карактеризира со поголема демократизација во процесот на реформи на регулативата што се однесува на пазарот на труд, кој не е диктиран одозгора надолу, туку е резултат на преговори меѓу социо-економските партнери. Имено, транзицијата претставуваше своевиден „природен“ експеримент преку кој на тест беше ставено функционирањето на институциите во новиот пазарен контекст. Во реалноста институциите функционираат паралелно во рамките на повеќе или помалку кохерентен систем и затоа, освен нивната поединечна анализа, неопходно е согледување на нивните заемни интеракции.

На почетокот од транзицискиот период генерален тренд беше зголемувањето на вработеноста на определено работно време, како и вработувањето за сопствена сметка (самовработување). Паралелно, се појави неформалната вработеност која претставуваше алтернативна форма на приспособување на пазарот на труд во услови на растечка невработеност. Освен тоа, неформалната вработеност им обезбедуваше дополнителни приходи на голем број вработени покрај приходите остварени од формалната вработеност. Како резултат на зголемената флексибилност на пазарот на труд, за време на транзицијата дојде до значително зголемување на обртот на работната сила. Стабилноста на работното место, изразена преку времето на задржување на една работна позиција, значително се намали. Ваквите тенденции во голема мера беа поттикнати од релаксирањето на законодавството за заштита на вработените и генералниот тренд за намалување на сигурноста на вработените преку напуштање на концептот на едно работно место за целиот работен век. Воведувањето на надоместоците за невработени, како и активните мерки на пазарот на труд, требаше да ја помогнат транзицијата на работниците кои останаа невработени по затворањето на големите социјалистички претпријатија. Првичните стапки на оданочување на трудот, вклучително и социјалните придонеси, беа мошне високи, што претставуваше дополнителен мотив за раст на вработеноста во неформалниот сектор.

Реформите кај институциите на пазарот на труд во посттранзицискиот период се во насока на воведување стандарди кои се карактеристични за повеќето развиени пазарни економии. Притоа, акцентот е ставен врз креирање услови за што поголемо вклучување на сите засегнати страни, што претставува основа за демократски развој на македонскиот пазар на труд. Зајакнувањето и поголемата репрезентативност на организациите на работодавци и работници обезбедува услуги за членството и активно вклучување во креирањето политики. Во овој контекст, хармоничните индустриски односи водат кон подобри работни услови, намален број на работни спорови и зголемена продуктивност на трудот. Подобреното колективно договарање го зајакнува постигнувањето пријателско решавање на споровите поврзани со работните односи. Во овој контекст, покриеноста со колективно договарање во Македонија веќе надминува 50% од вработените, додека стапката на членство во синдикални организации достигнува 20%. Сепак, во многу економски сектори членството во синдикалните организации е на ниско ниво, а способноста за адресирање на прашања за работните услови и потребите на претпријатијата преку колективно договарање и другите форми на социјален дијалог е ограничена.

Во доменот на оданочување на трудот најсуштинска промена беше направена уште во 2007 година кога беше трансформиран прогресивниот даночен систем за персонален данок на доход со даночни стапки од 15%, 18% и 24%, во систем на рамен данок со пропорционална даночна стапка од 12%. Оваа даночна стапка на персоналниот данок на доход во 2008 година беше дополнително намалена на 10%. Ваквите намалувања на даночната стапка на персонален данок на доход беа придружени со сукцесивното намалување на стапките за социјални придонеси, и тоа збирно од 32% во 2008 на 28% во 2020 година. Покрај зголемување на социјалната сигурност на вработените и намалување на административниот товар и трошоците за работодавците, овие даночни олеснувања имаат цел да го стимулираат развојот на бизнисите. Притоа, одржувањето на балансот во јавните финансии се очекува да се постигне преку проширување на даночната основа, пред сѐ, преку зголемен број вработени во формалниот сектор.

Во насока на подобрување на положбата кај работниците на македонскиот пазар на труд е воведувањето законски утврдена минимална плата во 2012 година. Со Законот за минимална плата се утврдува висината на минималната плата, како и други прашања што се однесуваат на оваа категорија. За периодот 2012-2014 минималната плата во нето-износ изнесуваше 8.050 денари. Од воведувањето на минималната плата, таа континуирано расте, така што денес изнесува 22.567 денари во нето-износ. Оваа и претходно наведените реформи на македонскиот пазар на труд, набљудувани како целина, значително ги унапредуваат правата на работниците и создаваат услови за генерирање пристојни работни места како предуслов за побрз економски развој и просперитет на целокупната општествена заедница. Истовремено, ваквите реформи треба да водат кон натамошно намалување на невработеноста и пораст на животниот стандард на македонските граѓани. Со тоа се потврдува премисата дека силни институции на пазарот на труд, придружени со владеење на правото, се во основата на секој развиен и правичен економски систем.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни