Генерацијата на таканаречени милениумци (луѓе родени помеѓу 1980 и почетокот на 2000 година) почнува да учи животни вештини, како готвење и штедење, на курсеви. Младите луѓе што ѝ припаѓаат на оваа генерација сè почесто се запишуваат на онлајн-курсеви или курсеви со физичко присуство за ваквите животни вештини насекаде низ САД, известува Си-би-ес.
Во сојузната американска држава Мејн има и „Школа за созревање“, која на милениумците им нуди разни часови, меѓу кои и за шиење копчиња, разбирање на модерната уметност и справување со љубовта.
Фото: Pixabay
Часовите за справување со љубовта ги учат курсистите како да имаат врска, како да разговараат со некого и како да решат конфликт без да се расправаат. Во рамките на часот се учи и како да му изјавите љубов на партнерот.
Експертите велат дека многу милениумци немаат основни животни вештини бидејќи голем дел од нив не живееле самостојно. Според официјални податоци, 34% од Американците на возраст помеѓу 18 и 34 години сè уште живееле со родител во 2015 година. Во 2005 г. 26% од Американците на таа возраст живееле со родител.
Фото: Pixabay
Сега е почесто младите да живеат со родителите отколку со цимер или партнер. Освен тоа, младите денес подоцна се венчаваат и имаат деца, па затоа подоцна ги учат животните вештини.
Автор: Кејтлин Окејн
Извор:
cbsnews.com