Присуството на социјалните мрежи му донело голема публика и многу нови познанства. Тој додава и дека се потврдила изреката „Храната ги зближува луѓето“
Кога кажувам дека готвам од три години, сите ми се смеат. Но навистина е така. Тогаш почнав низ игра да учам да месам и како минуваа годините, уживањето во мирисите на кујната стануваше сѐ посилно. Денес, кога сум целосно посветен на готвењето и на сето она што го правам поврзано со тоа, кујната стана моето омилено место каде што се опуштам и експериментирам со храната, зачините, рецептите.
Фото: Синиша Илијески
Вака Бранко Попоски од Вевчани, финансиски и маркетинг-менаџер и пасиониран вљубеник во готвењето, ја почнува приказната за неговото кулинарско патување од родното Вевчани до денес, кога е познат кулинарски блогер и јутјубер, со свое готвачко интернет-шоу
„Готвење со Бранко“ и кој стои зад проектот „Интимни вечери“. Не крие дека освен што ужива да биде во кујна, ужива и пред камерите. Така го споил во едно тоа што цел живот сака да го прави - готвењето и она што го научил на факултет – маркетингот.
- Во нашето семејство сѐ е поврзано со готвењето. Мајка ми е голем љубител на готвењето, а татко ми е угостител. Што значи дека корените на мојата љубов кон кулинарството се длабоко таму, а главниот виновник е мајка ми. Таа, уште кога имав 3-4 години, ме учеше да месам тесто, да правам кифли, пити, ѓомлезец (кашаник)... Оттогаш почнав да ги чувствувам мирисите на кромид, на зачини, на брашно, на свежо печено тесто. Цел живот готвам, но онака сериозно, пред камери за широка публика, за видни личности, со сериозни и успешни експерименти во готвењето, почнав пред извесно време - вели Бранко.
Готвачкото шоу на финансискиот менаџер во социјалните медиуми
За себе вели дека е комуникативен и дека тоа целосно го користи во својата работа. Во основата на готвењето му се експериментите, имагинацијата и пораките до младите кои сака најпозитивно да ги натера да влезат во приказната, да експериментираат и да научат сами да готват бидејќи, како што вели, готвењето дома, за себе и за блиските е поздраво и поекономично.
- Од пред 14 месеци почнав со кулинарското шоу. Прво на „Инстаграм“ го направивме профилот „Готвење со Бранко“, каде што многу се вложив и стасавме до 10.500 следбеници. Паралелно ја работиме и фејсбук-страницата „Готвење со Бранко“. Најмногу сум посветен на инстаграм-профилот, каде што во овие 14 месеци имаше многу потпроекти поврзани со профилот и сега работам на мојата најнова кулинарска емисија, која оди на мојот јутјуб-канал и веќе ја привршуваме првата сезона. Во тимот за кулинарското шоу сме тројца, а во приказната „Готвење со Бранко“ работам сам. Кулинарското шоу го правиме како дел од продукцијата „Перфект“ на Димитар, а имаме конзорциски договор јас, Димитар и Синиша за да ја пласираме и мојата емисија во кулинарското шоу.
Миксот на Бранко: готвење, социјални мрежи, предавања, финансиски менаџмент, маркетинг...
Со својата работа најмногу е застапен на социјалните мрежи. Како дипломиран финансиски менаџер, на кого една од специјалностите му се дигиталниот маркетинг, умешно ги споил кулинарството и интернетот и наученото на факултет.
- Го искористив наученото од факултет, како да се пристапи и да се искористат предностите на социјалните медиуми и сега сум фокусиран на тоа да се нуди приказна на социјалните медиуми. Јас сум мултитаскинг. Работам како акаунт менаџер во маркетинг-агенцијата, го работам „Готвење со Бранко“ и плус маркетинг. Доколку максимално се посветиш, може убаво да се заработува и да се живее и од готвењето и она што го работам поврзано со готвењето. Држев и предавања за дигитален маркетинг и социјални мрежи и конкретно како мојата емисија успеа преку социјалните мрежи да направи големо нешто во Македонија - вели Бранко.
Присуството на социјалните мрежи му донело многу публика и многу нови познанства. А тој додава и дека се потврдила изреката „Храната ги зближува луѓето“.
- Колку што стекнав контакти за последните година и два месеца, толку не сум стекнал за 25 години. Ми пишуваат, ме контактираат, прашуваат за рецепти, за кулинарскиот проект, за „Интимните вечери“ кои се дел од проектот „Готвење со Бранко“. Ме среќаваат на улица, ме запираат, почнуваат муабет, сакаат да се запознаат. Градењето на самиот публицитет за година и два месеца достигна многу високо ниво кога е во прашање „Готвење со Бранко Попоски“.
Гответе со фантазија: И евтиниот оброк може да биде вкусен и здрав
Вели дека младите му се важен таргет, не само да ги воведе во кулинарството, туку и да ги внесе во приказната со готвење преку имагинација.
- Се сметам за комуникативен, сакам да бидам пред камера и сакам да ги натерам младите да се вметнат во приказната со готвење преку имагинација. Конкретно, мојата емисија е со фокус - имагинирај за да направиш нешто доста интересно. И јас во емисиите имагинирам со рецептите, со вкусовите, со комбинации... Така дојде и идејата дека младите сами можат да готват, но само некој треба да ги поттикне - вели Бранко.
Покрај имагинацијата и уживањето во вкусовите, тој сака на неговите гледачи да им ја покаже и финансиската страна на готвењето, дека за убав оброк не мора да има храна во изобилство, дека не мора да е некој специфичен рецепт, односно дека може да се јаде здраво и вкусно, а сепак економично.
- За она што ѝ го порачувам на публиката поаѓам од себе. Секогаш кога готвам се чувствувам многу исполнето, опуштено, задоволно... затоа што правам нешто како што јас сакам и тоа јас на крајот ќе го јадам. Секогаш фокусот го ставам на: „Ова е рецептот што јас сакам да го постигнам и на крајот ќе го јадам тоа што го сакам и ќе се чувствувам одлично“. Другиот фокус е осамостојување на младите со текот на времето, да не се потпираме цело време на нашите родители и да чекаме од нив. А особено важен е фокусот на здравата храна и економичноста.
Јас велам дека со 100 денари можат да јадат четворица – ќе земеме пакетче макарони од 40 денари, еден доматен сос и зачини и ќе јадат четворица. Готвењето во мојата емисија и самите рецепти се фокусирани на тоа дека може лесно, брзо и економично, а сепак вкусно и здраво да се зготви. И речиси секогаш има салата со оброкот, и како предјадење и со главното јадење, објаснува нашиот соговорник.
Не плашете се да експериментирате
Кујната е и како создадена да се експериментира, вели Бранко. Затоа и ги охрабрува да експериментираат со вкусовите како што тој го прави тоа во неговата кулинарска приказна.
Најбитно е, додава, да имаш сенс за готвење, но особено е важно, а тоа им го порачува и на младите што сакаат да почнат со кулинарство, да не се плашат од готвењето, да не се плашат од експериментирањето со солената храна во кујната...
- Експериментирајте без страв. Ланилето направив тестенини во сос од праска. Се изненадив колку добро испаднаа, а пријателите што ми беа на гости беа скептични кога реков дека ќе јадеме пилешко и тестенини во сос од праска. Треба храброст. Замислете ги праските издинстани со лук, кромид, морков и брокули. Сокот од праските на крај ги спои пилешкото и тестенините и тоа беше врв, охрабрува Бранко и додава дека во неговото друштво најчесто готви тој, но понекогаш пријателите знаат да му кажат - сега ти седи, ние ќе зготвиме нешто.
Џијада ми е водилка, но не ја копирам, туку создавам мои проекти
Вели дека кулинарски пример му е американската готвачка Џијада де Лаурентис.
Интимните вечери што ги организира се дел од кулинарскиот проект.
- Кога го почнував проектот, сакав да направам и фуд-блог за да не бидам сконцентриран само на социјалните медиуми. Така почнав со организирање интимни вечери. И секогаш кога ќе се споменеше тоа, сите веднаш прашуваа: Какви се тие интимни вечери? Тоа се вечери кога јас готвам за 8 до 10 луѓе на тема – италијанска вечер, македонска кујна, медитеранска вечер... Првата сезона од „Интимни вечери“ заврши во декември. Интерес за учество има. Секој може да си купи карта. Гостите во првата сезона беа од најразлични профили. Дури имаше и гости од италијанската амбасада во Скопје, од американската амбасада, но и луѓе што просурфале на интернет, виделе на „Фејсбук“ и си купиле карти. Има одлична атмосфера. На некои од тие вечери почнаа да се разменуваат и визит-карти, раскажува нашиот соговорник.
Бранко пишува и книга која треба да излезе во март или малку подоцна. Книгата ќе биде „Милион и еден вкус од кујната на Готвење со Бранко“.
- Ќе биде како нотес кој кога ќе го земам, ќе прочитам некој рецепт, но ќе имам и простор да имагинирам, да размислувам како тој рецепт е гледан со окото на „Готвење со Бранко“, дали јас можам да имагинирам со тој рецепт...
Вечера за господин и госпоѓа Бејли
Бранко е особено горд што имал можност да готви за познати личности, и тоа на нивно барање.
- Најголемото достигнување ми е што готвев специјално за поранешниот американски амбасадор во Македонија, Џес Бејли и за неговата сопруга. Не знам како нашле контакт со мене, дали од амбасада или..., но добив повик и покана да готвам за брачниот пар Бејли. Готвев храна по нивни избор – главното јадење беше пилешко со ананас. Беа презадоволни затоа што поминаа прекрасна вечер. По некое време тие заминаа од Македонија и бев многу пријатно изненаден кога за Нова година добив честитка од семејството Бејли. Многу ми е драго и многу сум горд што имав можност да готвам за еден од најбитните дипломати што престојувале кај нас.
Фото: Синиша Илијески