Македонската радио-телевизија реши да не ја повлекува годинашната претставничка Андреа Коевска, која беше критикувана од јавноста откако го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих. Од МРТ велат дека тоа би причинило голема финансиска штета и други санкции.
- МРТ, по инцидентот што се случи на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното Соопштение што беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија. Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции што не се за занемарување. Имено, со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани што јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа - соопштија од јавниот сервис.
Оттаму додаваат дека МРТ ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.
- Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот „Евровизија“, што предизвикува негативен публицитет на МРТ, уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година да не учествува на Изборот за песна на Евровизија - се заклучува во соопштението.
В четврток, на втората полуфинална вечер, ќе се натпреварува и нашата Андреа, која ќе настапи 11. по ред.
Големото евровизиско финале е в сабота, 14 мај, кога ќе се претстават и пејачите од земјите на големата „петорка“, Велика Британија, Шпанија, Франција, Англија и Италија.