Со помош на ултразвук, хирурзите од Бостонската детска болница и Женската болница во САД користеле емболизација за лекување ретка пренатална состојба - деформитет на Галеновата вена.
Оваа васкуларна абнормалност предизвикува крвта опасно брзо да тече низ еден дел од мозокот по раѓањето на детето. Успехот на процедурата дава надеж за лекување на состојбата пред да се зголеми ризикот од компликации.
Иако ова е првиот пациент третиран на овој начин, процедурата е голем успех.
- Во клиничкото испитување што моментално го спроведуваме користиме трансутерина емболизација водена со ултразвук за да го отстраниме деформитетот на Галеновата вена пред раѓањето. Бевме воодушевени кога видовме дека нашиот прв случај не разви проблем што се јавува откако детето ќе се роди. Со задоволство можеме да кажеме дека бебето на кое ја извршивме процедурата додека беше во утробата, шест недели по раѓањето се чувствува исклучително добро, не прима терапија, нормално јаде, добива на тежина и е пуштено од болница. Нема никакви знаци на негативни ефекти врз мозокот - вели Дарен Орбах, лекар во Бостонската детска болница и Медицинскиот факултет на „Харвард“.
Деформитетот на Галеновата вена погодува 1 од 60.000 новороденчиња. Станува збор за редок вид васкуларна абнормалност во мозокот која предизвикува артериите директно да се поврзат со вените, наместо со капиларите, кои би го контролирале протокот на крв. Тогаш протокот на крв во вените е многу побрз и предизвикува штетни последици.
Состојбата е стресна за кардиоваскуларниот систем, што може да доведе до срцева слабост. Поради дополнителниот притисок во мозокот, може да предизвика оштетување што резултира со невролошки и когнитивни проблеми. Има и висока стапка на смртност. Состојбата се третира по раѓањето, со техника во која хирурзите вметнуваат специјализиран материјал во вената за да ја блокираат. Но, состојбата може брзо да се промени на полошо по раѓањето.
Затоа Орбах и неговите колеги спровеле клиничко испитување, за да ја проценат можноста за лекување на оваа состојба, пред раѓањето. Нивниот пациент бил фетус во 34. гестациска недела.
Породувањето било предизвикано два дена подоцна бидејќи процедурата довела до предвремено пукање на мембраните во матката. Но, кога се родило бебето, се покажало дека неговиот кардиоваскуларен систем функционира нормално, така што не биле потребни дополнителни операции. Новороденчето било следено во болницата во следните неколку недели.
- Иако ова е само првиот лекуван пациент, од витално значење е да продолжиме со испитувањето за да ја процениме безбедноста и ефикасноста кај други пациенти. Ова може значително да го намали ризикот од оштетување на мозокот, инвалидитет или смрт - вели Орбах.
Извор:
National Geographic
Фото: Freepik