X
 10.08.2016 Технологија

Онлајн игрите ги подобруваат академските перформанси на учениците

И покрај старите стереотипи дека видео игрите го уништуваат мозокот, едно ново истражување го покажува токму спротивното - видео игрите ги подобруваат академските перформанси на учениците.

 

игри


Истражувањето во Австралија во кое беа вклучени повеќе од 12.000 средношколци открива дека кога станува збор за користење на интернетот, учениците кои редовно играле онлајн игри имале повисоки резултати на тестовите по математика, читање и наука отколку нивните врсници кои не играле.

„Учениците кои играат онлајн игри скоро секој ден имале 15 поени над просекот по математика и 17 поени над просекот во науката. Кога играте онлајн игри вие решавате загатки кои ве носат до следното ниво. Ова вклучува користење на општото знаење и вештини во математика, читање и наука“, вели економистот Алберто Посо од RMIT Универзитетот во Мелбурн.

Истражувањето искористи податоци од Програмата за меѓународно оценување на учениците (PISA) во кое беа тестирани ученици од повеќе од 700 училишта во 2012 година и собра информации за нивните лични интереси и активности на интернет.

Посо укажува на тоа дека учениците кои редовно поминуваат време играјќи онлајн игри развиваат аналитички вештини и вештини за решавање на проблемите кои исто така може да им помогнат во нивните училишни задачи.

„Понекогаш играчите треба да разберат некои од принципите на хемијата, такашто мораат да ја разберат науката. Некои психолози тврдат дека масивните онлајн игри можат да бидат од корист за когнитивниот развој“, вели Посо.

Додека играчите се чини дека имаат академски придобивки, не секогаш користењето на интернет се чини така корисно. Посо вели дека учениците кои ги проверуваат социјалните мрежи секој ден ризикуваат да заостанат на академско ниво; тие имале 20 поени под нивото по математика во споредба со учениците кои не ги користеле социјалните медиуми.

Времето поминато на социјалните медиуми не е само залудно потрошено на академско ниво. Посо вели дека учениците кои се зависни од социјалните медиуми може да се насочуваат кон Фејсбук бидејќи се соочуваат со потешкотии на училиште.

„Тоа може да укажува на фактот дека се борат со математика, читање и наука. Наставниците би можеле да го вклучат користењето на Фејсбук на часовите за да им помогнат на учениците да се вклучат во наставата“, вели Посо.

Додека истражувањето вели дека постои поврзаност помеѓу игрите и оценките, сепак Посо не е подготвен да каже дека игрите се она што доведува до подобри оценки. Тука се вклучени голем број  фактори како и вештините поврзани со игрите, како учениците избираат да го поминат слободното време и слично. Посо вели дека ова е ветувачка област која треба подлабоко да се истражува.

„Интересно е тоа што истражувањето покажа позитивна поврзаност помеѓу онлајн игрите и академските перформанси, но нам ни е потребен подобар начин да сфатиме како и зошто луѓето играат видео игри пред да можеме да откриеме што поврзаноста значи“, вели биолошкиот психолог Питер Ечелс од Бат Спа Универзитетот во Велика Британија кој не бил вклучен во истражувањето.

„Голем број истражувачи се обидуваат да го потенцираат ова, но нам ни е потребно подетално истражување и суптилни податоци за да се одговори на овој вид на прашања“.

Иако не можеме да ја објасниме врската, други истражувања покажуваат дека игрите се добри за вашите способности за учење, меморијата и моторните вештини - па дури и ветува опоравување од повреди на мозокот. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија