На почетокот од 50-тите години германско-американскиот инженер Вернер фон Браун ги охрабрувал Американците да погледнат подалеку од Месечината. Неговиот амбициозен план, наречен „Проект Марс“, предвидувал испраќање луѓе на Црвената Планета во 1965. Според планот, би се испратиле 10 ракети со 70 астронаути.
Добро е што НАСА ја одбрала Месечината бидејќи проектот на Браун би ги убил сите астронаути. Фон Браун не знаел за смртоносната радијација во длабоката вселена или оскудната атмосфера на Марс. НАСА ги дознала овие факти откако почнала да ја истражува планетата со роботски летала. А човечките мисии на Марс изгледале сè понеизводливи со дознавањето нови информации.
Фото: Pixabay
НАСА првпат испратила летало кое прелетало покрај Марс во 1965. Оваа мисија срушила многу научнофантастични соништа бидејќи кадрите покажале празен свет со многу кратери. Во 1971 г. леталото испратено од НАСА на Марс влегло во орбитата на планетата и било „поздравено“ со огромна песочна бура. Сепак, ова летало успеало да направи мапа од површината на Марс. Во 1976 г. леталата „Вајкинг“ ја допреле површината на Марс и барале знаци на живот.
Иако сè уште имаме неодговорени прашања за планетата, повеќето научници се согласуваат дека Марс е пустелија. По мисиите „Вајкинг“, на НАСА ѝ биле потребни 21 година за повторно да испрати летало на Марс.
Оваа ренесанса во поглед на Црвената Планета била водена од неформална група на студенти која се формирала во 1981 со цел да лобира за повеќе истражувања на Марс и идни мисии - роботски и човечки. Многу од младите научници и инженери биле фрустрирани од слабиот интерес на НАСА за Марс.
Фото: Pixabay
Студентите одржале повеќе конференции во 80-тите и 90-тите години на кои се разговарало за потенцијални идни мисии до Марс и неговите месечини. Студентите дизајнирале системи за слетување и полетување кои би биле потребни за една мисија на Марс. Тие откриле дека во поглед на технологијата, веќе се достапни сите алатки за да се испрати мисија на Марс.
Во 1989 г. претседателот на САД, Џорџ Буш, објавил план да се испратат луѓе на Марс. До 1996, НАСА се врати на Марс со ровер, а следните години биле испратени уште ровери.
Неформалната група на студенти подоцна станала модел за
другите научници што сакале НАСА сериозно да ги разбере нивните предлози. Нивната стратегија била толку успешна, што во 1989 г. друга група на астрономи ја поттикнала мисијата за надворешниот дел од Сончевиот Систем. Подоцна, друга група лобирала да се испратат луѓе на астероид пред да се прати човечка мисија до Марс. Во 2013 г. навидум лудата идеја станала план, но сегашниот претседател Доналд Трамп го стопирал финансирањето на оваа мисија за да се фокусира на истражување на Месечината.
Фото: Pixabay
Основачите на групата што ја поттикнала НАСА да го истражува патувањето до Марс сега се успешни научници. Пенелопе Бостон, еден од основачите, работела на истражување на животот во пештерите на Земјата што би се користело за идни мисии на Марс. Во 2016 г. таа станала директор на астробиолошкиот институт на НАСА во Калифорнија.
Робер Зубрин ја создал групата „Марс сосајети“, која организира годишни конференции за Марс. Крис Мекеј е астробиолог кој ги истражува организмите што живеат во екстремни околини на Земјата. Тој е вклучен и во плановите на НАСА за идни мисии на Марс.
Во меѓувреме, НАСА се надева дека ќе прати астронаути на Месечината до 2024, а оттаму ќе продолжи со мисиите на Марс во следните децении.
Автор: Ерик Бец
Извор:
discovermagazine.com