X
 11.07.2018 Живот

Лука Модриќ - од бегалец до еден од најславните фудбалери на денешницата

Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Лука Модриќ, се смета за амајлија на тимот. Но, како станал тоа што е денес? Неговиот живот всушност воопшто не бил лесен.

Кога Модриќ имал само шест години, неговиот сакан дедо бил застрелан од страна на српски насилници и Лука бил принуден да живее како бегалец во неговата татковина зафатена од војна. Но, тешкотиите не го запреле амбициозното дете да стане еден од најдобрите играчи на планетава.

На 8 декември 1991 година, за време на војната, Србите го нападнале селото Модричи, мало село во северна Далмација, и ги тероризирале хрватските фамилии, пишува британски „Сан“. Еден од погодените во вкрстениот оган бил дедото на Лука, кој исто така се викал Лука и бил брутално убиен од страна на група Срби. Заедно со дедото на Лука биле убиени петмина други жители. Идејата била да се испрати порака до другите селани дека мораат да го напуштат местото.



Фото: The Sun

Тоа бил голем шок за малиот Лука. Дедото се грижел за него додека родителите Стипе и Радојка работеле во фабрика за трикотажа.

По инцидентот, родителите на сега веќе славниот фудбалер биле принудени да го напуштат селото и засолниште побарале во хотел во Задар.

Без електрична енергија и вода, звукот на гранатите и куршумите станал секојдневие за малиот Лука и за неговата сестра Јасмина. Но, сето тоа не го сопрело малото момче, кое продолжило да ја шутира топката на паркингот од хотелот, сонувајќи дека еден ден сето тоа ќе биде минато.

Ова е доказ за посветеноста и одлучноста на Лука да успее по трагедијата што го снашла.

Модриќ многу ретко зборува за неговите маки, но во 2008 накратко раскажа за нештата што му го зацрниле детството.

- Кога почна војната, станавме бегалци и тоа беше многу тежок период. Имав шест години. Тоа беа навистина тешки времиња. Јасно се сеќавам на нив, но не е нешто што сакате да го запомните или да зборувате за тоа. Со години живеевме во хотел и имавме финансиски тешкотии, но секогаш го сакав фудбалот. Војната ме направи посилен. Тоа беше многу тежок период за мене и за мојата фамилија. Не сакам да го влечам тоа со мене засекогаш, но не сакам ни да го заборавам - истакна Лука.



Куќата во која израснал Лука
Фото: The Sun

Менталната цврстина го служела Модриќ во текот на целата негова кариера. Не заборавајте дека зборуваме за човек кој промаши пенал против Данска, но подоцна повторно шутираше и погоди, со што Хрватска продолжи напред.



Фото: The Sun

Кога Лука имал десет години, бил отпишан од голем број тренери кои мислеле дека е многу слаб и срамежлив за да успее. Томислав Басиќ, тренер на екипата во која Модриќ играше во Задар, ги искористил своите контакти за да му закаже тестирање на Лука во Динамо Загреб. Тогаш се покажа неговиот талент и потоа Лука отиде во Тотенхем и Реал Мадрид, а сега е потпора за клубот и за земјата и се смета за еден од највредните фудбалери во светот.

Освен на професионално поле, на Лука му тргнало и во приватниот живот. Тој се оженил со Вања Босниќ во 2010 година. Тие двајца се сретнале во спортска агенција, а Вања сега е негов агент. Првото дете на Лука и Вања, нивниот син Ивано, се роди три недели по нивната свадба. Потоа им се родија и две ќерки, Ема и Софија. Се вели дека Вања има толку големо влијание во животот на Лука, што таа била лицето одговорно за организирањето на неговиот трансфер во Реал Мадрид.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот