X
 15.07.2018 Живот

Се одразува ли победата на Светското првенство во фудбал позитивно на економијата?

Сјајниот спортски успех на хрватската фудбалска репрезентација очекувано ја доведе целата хрватска нација во состојба на интензивирани позитивни емоции, но отвори и медиумски и политички простор за поврзување на спортскиот резултат и економскиот просперитет на нацијата. Светското првенство во фудбал се игра на секои четири години од 1930 година, со прекин од осум години, предизвикан од Втората светска војна.

Титулата светски прваци досега ја имаат освоено осум држави, од кои три се јужноамерикански: Уругвај, Бразил и Аргентина и пет се европски: Италија, Германија, Англија, Франција и Шпанија. Најмал број на жители има Уругвај со 3,5 милиони жители, а најголем има Бразил, 208 милиони. Германија има најголема економија, која од најмалата, уругвајската, е поголема дури 66 пати.

Уругвајците баш немале среќа


Уругвај има освоено две светски првенства - првото, на кое бил домаќин во 1930 година и четвртото во 1950 година, кое се играло во Бразил. По освојувањето на првото, Уругвај бил жестоко погоден од големата светска економска депресија, која се преточила и во длабока политичка криза. На крајот, сѐ завршило со воен удар поради кој во знак на протест поранешниот претседател Балтасар Брум извршил самоубиство.

Во времето која го освојува вториот трофеј во 1950 година, Уругвај била најбогатата држава во Јужна Америка. Во годините кои следеле доаѓа до целосен колапс на уругвајското економско чудо, стапката на инфлација достигнува 60 отсто годишно, доаѓа до длабока економска криза и масовна невработеност, која траела подолго од една деценија.

Италија сѐ уште не ја достигнала економската сила од 2006 година

Италија има освоено четири трофеи, два во времето кога на власт бил фашистичкиот режим на Бенито Мусолини, во 1934 и 1938 година, а два по Втората светска војна, во 1982 и 2006 година. Во периодот помеѓу освојувањето на првите два трофеја, земјата влегла во две војни.

Освојувањето на третиот трофеј во 1982 година се совпаѓа со првата голема повоена стагнација на италијанската економија, која трае од 1980 до 1985 година. Две години по освојувањето на четвртиот трофеј, италијанската економија потонала во длабока рецесија, која поттикна светска финансиска криза и следеше една загубена деценија. Италијанската економија сѐ уште ја нема достигнато својата големина која ја имаше во времето кога италијанската фудбалска репрезентација во 2006 година ја освои титулата.

Фото: Pixabay

И Аргентина, Франција и Шпанија бележат пад

Аргентина два пати го има освоено трофејот, во 1978 и во 1986 година, и тоа токму во период кој е еден од најтрагичните во историјата на оваа земја. Две години пред освојувањето на првата титула, во 1976 година, бил извршен воен удар и на власт во текот на следните седум години биле група генерали. За време на нивното крваво владеење исчезнале 30.000 луѓе. Воената хунта морала да се откаже од власта откако во 1982 година Велика Британија ја поразила Аргентина во војната за Фалкландските острови. Големината на аргентинската економија во 1989 година била иста како онаа од 1978 година, кога Аргентина прв пат го освоила првенството.

Франција досега има освоено само еден трофеј, во 1998 година. Благодарение на азиската и руската финансиска криза, во следните три години, нејзината економија имала кумулативен пад од десет отсто. Шпанија стана светски првак во 2010 година. Оттогаш поминаа осум години, а нејзиниот БДП сѐ уште е речиси една четвртина под својата највисока вредност достигната во 2008 година, кога започна големата светска економска криза.

Германија и Бразил се разликуваат од останатите

Германија ја освои титулата четири, а Бразил пет пати, но тие во сѐ се категорија за себе, па така и во овој поглед.

Во финалињата од светските шампионати играле четири земји кои никогаш не ја освоиле титулата. Тоа се Чехословачка, Унгарија, Шведска и Холандија. Чехословачка играла два пати, во 1934 и 1962 година.

Четири години по играњето во првото финале, нацистичка Германија ја избриша Чехословачка од политичката карта на Европа. Во годините по играњето на второто финале во 1962 година Чехословачка имаше најмал индустриски раст меѓу земјите од Источниот блок, што на крајот предизвика политички реформи, Прашката пролет и советската интервенција во 1968 година.

Згасната унгарска револуција, Холандија влегува во рецесија

Унгарија беше финалист во 1938 и 1954 година. Во годината на првото финале филофашистичкиот режим на Миклош Хорти го одобри првиот анти-еврејски закон со кој се ограничуваа економските права на унгарските Евреи, а за време на играњето на второто финале, сталинистичкиот режим на Матјаш Ракоши беше во својот зенит. Две години подоцна, советските тенкови ја задушија унгарската револуција.

Холандија три пати играше во финалето на Светското првенство - во 1974, 1978 и 2010 година. По второто и третото финале, холандска економија потона во рецесија. Се разбира, не поради загубата на финалните натпревари, туку поради светската економска и финансиска криза.

Хрватска од '98 немала економска корист

Пред сензационалниот влез во финалето на Светското првенство во Русија, Хрватска својот најголем успех го имаше во 1998 година, кога го освои третото место во шампионатот што се одржа во Франција. Иако Фрањо Туѓман и ХДЗ се надеваа дека ќе можат да го капитализираат тој резултат, од тоа не испадна ништо.

Хрватска во 1998 и 1999 година беше во политичка и економска изолација и економијата, меѓу другото и поради овие причини, потона во рецесија.

Фудбалскиот тим на Република Хрватска е неоспорен светски шампион. Овој факт не може да го намали ни евентуална загуба на финалниот меч. Без разлика дали ќе победи или не, Хрватите ќе имаат само причина за масовен излив на емоции, кој ќе трае сѐ до враќањето на играчите и тренерите од Москва. Но, восхитот и среќата не можат трајно да ги надоместат сите животни потреби. Ако на една држава ѝ биле потребни реформи вчера, ќе ѝ бидат потребни и утре бидејќи тоа сѐ уште е онаа истата држава која пред една недела не била евентуален светски првак.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот