X
 11.07.2022 Здравје

Терапија со генетски модифицирани бактерии може да ја замени хемотерапијата

Хемотерапијата се покажа како добра алатка во лекувањето многу видови рак, но има и негативни страни. Покрај болните клетки, таа убива и здрави клетки во телото и предизвикува несакани ефекти. Сега, научници од Технолошкиот институт во Калифорнија (Калтек) предлагаат да се користат генетски модифицирани бактерии контролирани со звук кои ги бараат и ги убиваат канцерогените клетки.

Во нов труд научниците покажале како развиле модификација на бактеријата ешерихија коли која ги бара и ги уништува болните клетки во телото. Откако ќе стигне до клетките, ултразвучни пулсеви може да ја поттикнат да произведува антиканцерогени клетки.

- Целта на оваа технологија е да се искористи можноста за инфилтрирање на туморот со пробиотици, додека ултразвукот се користи за да се ослободат моќни лекови во внатрешноста на туморот - изјавил научникот Михаил Шапиро.

Модификацијата на бактеријата ешерихија коли која ја користеле научниците веќе е одобрена за користење на луѓето за медицински цели. Откако ќе стигне до крвотокот, бактеријата се шири низ телото, а имунолошкиот систем ги убива сите бактерии освен оние што се населиле во канцерогените тумори.

Научниците ја модифицирале бактеријата за да содржи нови гени кои создаваат терапевтски протеини кои се борат против ракот и гени кои служат за активирање на првите на повисока температура. Фокусираниот ултразвук помага во постигнувањето на бараната температура.

Засега научниците ја тестирале терапијата само на глувци, а таа го забавила ширењето на туморот кај голем дел од животните.

Извор: Scitechdaily
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје