X
 11.08.2024 Наука

Погледнете како јаглеродниот диоксид циркулира во атмосферата

Во визуализацијата на НАСА за движењето на јаглеродниот диоксид низ атмосферата на Земјата можете да зумирате и да ги видите емисиите на јаглерод диоксид што произлегуваат од електрани, пожари и градови, а потоа се шират низ континентите и океаните.

-Како креатори на политики и како научници се обидуваме да објасниме од каде доаѓа јаглеродот и како тој влијае врз планетата. Овде гледате како сè е меѓусебно поврзано со овие различни временски обрасци – истакнува климатскиот научник Лесли От од Центарот за вселенски летови на НАСА - Годард во Гринбелт, Мериленд.

Над Кина, САД и Јужна Азија, повеќето емисии доаѓаат од електрани, индустриски постројки и автомобили и камиони, вели От. Во меѓувреме, во Африка и Јужна Америка, емисиите најмногу доаѓаат од пожари, особено оние поврзани со управувањето со земјиштето, контролираните земјоделски пожари и уништувањето на шумите, заедно со согорувањето на нафта и јаглен, како што можете да се види на следново видео.


Земјиното копно и океаните апсорбираат околу 50% од јаглерод диоксидот. Растенијата земаат јаглерод диоксид во текот на денот за време на фотосинтезата, а потоа го ослободуваат ноќе. Најголем дел од пулсирањата се јавуваат во региони со многу дрвја, како што се шумите со средна или висока географска ширина. И бидејќи податоците се земени во текот на летото на јужната хемисфера, можете да видите повеќе пулсирање во визуелизацијата во тропските предели и Јужна Америка, каде што сезоната на растење е активна.

Некои од пулсирањата доаѓаат и од планетарниот граничен слој, најниските 900 метри од атмосферата - кој се издига додека површината на Земјата се загрева од сончевата светлина во текот на денот, а потоа паѓа додека се лади ноќе.

Картата е создадена од научното студио за визуализација на НАСА со помош на модел наречен ГЕОС. Тоа е временски модел со висока резолуција придвижуван од суперкомпјутери, кој се користи за симулирање на она што се случува во атмосферата, вклучувајќи бури, формации на облаци и други природни настани. Собира милијарди точки на податоци од копнени набљудувања и сателитски инструменти, како што е инструментот МОДИС на сателитот „Тера“ и инструментите ВИИРС на сателитот „Суоми-НПП“.

-Јаглерод диоксидот е стакленички гас што ја заробува топлината и е главната причина за зголемувањето на температурите на Земјата. Бидејќи јаглеродниот диоксид се акумулира во атмосферата, тој ја загрева нашата планета. 2023 година беше најтоплата година досега - велат научниците од Институтот за вселената Годард при НАСА. 

Повеќето од 10-те најтопли години забележани се во изминатата деценија.

Целиот овој јаглерод диоксид не е штетен за квалитетот на воздухот. Всушност, ни треба малку јаглерод диоксид за да ја одржиме планетата доволно топла за да постои живот. Но, кога премногу CO2 се пумпа во атмосферата, Земјата се загрева премногу и пребрзо. Ова е она што се случува барем во последниот половина век. Концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата се зголемила од приближно 278 делови на милион во 1750 година, на почетокот на индустриската ера, на 427 делови на милион во мај 2024 година.

-Нашата надеж е дека ако навистина ги разбираме стакленички гасови денес, можеме да изградиме модели кои подобро ги предвидуваат во следните децении или дури и векови – заклучува Лесли От.

Извор: m.vidi.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука