Сместувањето во студентските домови во Република Српска ќе биде бесплатно за сите студенти што ќе остварат право на студентски дом, соопшти Министерството за научно-технолошки развој на високото образование и информациско општество.
Република Српска е една од двете главни политичко-територијални единици на Босна и Херцеговина, а другата е Федерацијата на Босна и Херцеговина.
- Сите трошоци за сместување на студентите во иднина ќе ги носи Владата на Република Српска - напишале од Министерството.
Како што се додава, ова е дефинирано со одлука за финансирање на сместување и кофинансирање на исхрана за редовните студенти во студентските домови, пренесува „Независне“.
Од буџетот на Владата ќе бидат обезбедени 2,6 милиона марки годишно за финансирање на сместувањето. Ќе биде кофинансирана и исхраната на студентите, со 3,50 марки за студент дневно.
Од Министерството посочиле дека ова е мерка за унапредување на студентскиот стандард и високото образование. Според законот за високо образование на Република Српска, сите студенти студираат бесплатно во првата година од првиот циклус на студии и првата година од вториот циклус на студии.
Извор:
Nezavisne
Насловна фотографија: Pixabay