Ви ги пренесуваме ставовите на студентите и на туристичката агенција откако ситуацијата кулминира на социјалните мрежи
Апсолвентската екскурзија низ Европа сè уште не е откажана, а сите студенти што решиле да го прекинат договорот и да не патуваат поради Ковид-19, ќе бидат соодветно обесштетени, вели за Факултети.мк Драган Гашевски, управител на туристичката агенција „Рапсоди травел“. Студентите, пак, бараат да бидат обесштетени според потпишаниот договор, односно да им се врати сумата што ја уплатиле, а не да им се доделуваат ваучери. Ги пренесуваме ставовите на студентите и на туристичката агенција откако ситуацијата кулминира на социјалните мрежи.
Известувањето на „Рапсоди травел“ на „Фејсбук“
Прогласувањето на пандемија со вирусот Ковид-19 предизвика дел од студентите што уплатиле 20-дневна апсолвентска екскурзија од 14 април до 3 мај да се премислат. Мартин Бојмалиев, апсолвент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, е еден од нив. Тој објаснува дека вчера околу 70 студенти биле во агенцијата и побарале да го прекинат договорот и да го откажат патувањето поради ширењето на заразната болест.
- Во договорот убаво пишува дека ако го откажете патувањето 30 дена пред поаѓањето, агенцијата ќе ви ги врати парите, а ќе задржи само 5%. Бараме да се почитува договорот, а не да ни ги рефундираат парите со ваучери за патувања - објаснува Бојмалиев.
Студентите се повикуваат на овој член од договорот
Гашевски, пак, се повикува на друг член од договорот, според кој: „...секој што има уплатено за апсолвентска екскурзија од 20 дена низ Европа над износот на реалните трошоци добива поврат на средствата во износ на разликата“.
За апсолвентската екскурзија од 20 дена низ Австрија, Чешка, Холандија, Франција, Шпанија и Италија се пријавени околу 500 студенти. Патувањето чини од 30.000 до 33.000 во зависност од периодот кога и колку пари се уплатени. Бојмалиев вели дека уште есента се донела одлуката за екскурзијата.
- Плаќавме по 1.000 денари кога го потпишувавме договорот. Јас досега имам уплатено 10.000 денари и барам да ми бидат рефундирани, а не вратени како ваучер. Но, има и студенти што ја уплатиле целата сума. Сè што бараме е да се почитува договорот - вели Бојмалиев.
Агенцијата се повикува на овој член
Според Гашевски, околу 60-70% отсто од студентите сè уште не се откажани од екскурзијата. Тие барале да се одложи за 10 или повеќе дена за да може да го реализираат патувањето.
- Ова се вонредни околности. Немаме намера да профитираме од студентите. Сакаме да ја решиме ситуацијата најдобро за сите. На студентите што ја имаат платено целата сума и се откажуваат од патувањето, на трансакциска сметка им рефундиравме по 20.000 денари. Останатите 10.000 во моментот им ги гарантираме во вид на ваучери за патувања што може да ги искористат до 31 декември 2021 година. Тоа е период од една и пол година. Во моментот не можеме да им ги исплатиме тие пари бидејќи се реални трошоци, веќе уплатени на хотелиерите. Но, ситуацијата се менува секој ден и ние ја следиме. Владата најави субвенции и помош ако ескалира ситуацијата. Ако добиеме ваква помош, таа веднаш ќе биде пренасочена кон студентите наместо ваучерите што им ги нудиме во моментот - вели Гашевски.
Фото: Pixabay
На прашањето дали уплатените пари им се осигурани, тој објасни дека секоја туристичка агенција има законска обврска за годишна осигурителна полиса. Нивната е осигурана во „Еуролинк осигурување“.