Основачите на „Фејсбук“ знаеле од самиот почеток дека создаваат нешто што предизвикува зависност и ја искористува ранливоста во човечката психологија, тврди претседателот на компанијата Шон Паркер.
Паркер, кој на „Фејсбук“ му донел милијарди, го критикувал овој гигант меѓу друштвените мрежи на настанот „Аксиос“ во Филаделфија. Тој сега е основач на Институтот за лечење на канцер, па на настанот говорел за напредокот кога се во прашање терапиите за лечење на ракот. Меѓутоа, во таа прилика се осврнал и на размислувањето на основачот на „Фејсбук“ во раниот период. Денес компаниите од друштвените мрежи се под будното око на законодавците заради моќта и влијанието кое го имаат.
Паркер рекол дека во раните денови на „Фејсбук“, луѓето рекле дека не се на социјалните мрежи, бидејќи ја ценат интеракцијата со луѓето во вистинскиот живот, а тој би им одговорил: „Во ред, но да знаете дека ќе бидат“. „Не знам дали навистина ги разбирав последиците од тоа што го зборував“, истакнал Паркер, „тоа буквално ги менува односите со општеството и меѓусебните односи кај луѓето. Сам Бог знае како ова влијае на детскиот ум“.
Кога „Фејсбук“ се развивал, целта била корисниците да посветат што повеќе време и внимание на мрежата. Тоа било начинот на размислување кој довел до создавање можности како што е „лајкување“, кое кај корисниците доведува до лачење на допамин, што дополнително ги поттикнува да поставуваат што повеќе содржини.
Паркер се придружил на „Фејсбук“ во 2004 година. Паркер го видел потенцијалот на мрежата и бил, според зборовите на Цукерберг, „клучниот човек за трансформација на мрежата од студентски проект во вистинска компанија“. Во 2005 година, полицијата пронашла кокаин во викендицата на Паркер, па тогаш бил уапсен под сомнение дека поседува недозволена супстанца. Не било покренато обвинение, но апсењето ги вознемирило инвеститорите, па набрзо потоа дал оставка.
Богатството на
Паркер се проценува на повеќе од 2.6 милијарди долари. Тој не е единствениот кој изразил жалење заради технологијата за чиј развој дал свој придонес. Тристан Харис кој некогаш работел на „Гугл“, е еден од луѓето од светот на технологијата кој ја критикувал оваа индустрија. „Нашите избори не се толку слободни колку што ние мислиме“.