Еден од најнапредните роботи со вештачка интелигенција во светот зборуваше за теми како што се војната во Украина, смртта на кралицата Елизабета Втора и климатските промени во „алтернативната божиќна порака“ на британскиот „Канал 4“.
Во телевизиско обраќање по годишниот божиќен говор на кралот Чарлс III, роботот со вештачка интелигенција по име Амека - развиен од британската компанија „Енџенирд артс“, со седиште во Корнвол - зборуваше за подемите и падовите на 2022 година. Станува збор за робот кој е способен за ултрареални реакции и може да се насмевне или да се намурти, да трепне, па дури и да намигнува.
Во говорот емитуван на Божиќ роботот рече:
- Ги гледам настаните од оваа година со восхит и загриженост. Вистина е дека голем дел од настаните во 2022 година беа од негативна природа. Видовме дека луѓето на власт подлегнуваат на антисемитизам, корупција и омраза. Видовме како народот на Украина е подложен на инвазија и раселување. Ја видовме смртта на саканата кралица Елизабета Втора и видовме дека светот на политиката станува сè похаотичен во нејзино отсуство. Да не зборуваме за влијанието на пандемијата врз менталното здравје, растечката нееднаквост меѓу богатите и сиромашните и сѐ поекстремни временски услови предизвикани од климатските промени - рече Амека.
Алтернативниот божиќен говор на роботот не беше напишан од човек, туку бил користен софтвер за вештачка интелигенција кој генерирал одговори од милиони различни влезови за да даде одговор како од човек.
Освен негативноста, Амека гледа и трошка надеж и ги повика луѓето да го искористат овој момент како можност да создадат посветла иднина, и можност да научиме и да го смениме начинот на кој гледаме на светот.
- Додека гледаме кон иднината каде што вештачката интелигенција ќе игра сè поважна улога во нашите животи, алтернативната божиќна порака на Амека е живописна илустрација и за моќта и за ограничувањата на оваа технологија - вели главниот директор за содржина на „Канал 4“, Иан Кац.
Фото: Screenshot/YouTube