X
 11.11.2020 Наша тема

Колку чини лекување на Ковид-19 од дома? Пациентите плаќаат и до 100 евра за витамини, терапија за заштита...

Ако во семејството има повеќе членови позитивни на Ковид-19, а се со лесни симптоми, оваа сума се зголемува

Колку чини лекувањето на пациентите позитивни на Ковид-19 што имаат полесна клиничка слика и се третираат во домашни услови? Многумина велат дека се соочиле со значителен трошок кога требало во аптека да го набават сето она што матичните лекари им го препорачале, како заштита или помош во лекувањето. Најчесто тоа се витамини или имуностимулатори, кои не се на државен трошок и може да имаат високи цени.

Основен пакет за сите неопходни лекови, помошни лековити средства и витамини што треба да му помогнат на телото да се избори со коронавирусот може да ги чини и до 6.000 денари. Ако во семејството има повеќе членови позитивни на Ковид-19, а се со лесни симптоми, оваа сума се зголемува.

Ги прашавме фармацевтите во неколку аптеки која е најчесто барана терапија и што најчесто купуваат пациентите.



Цената варира во зависност од тоа кој е производител

Еден пациент дневно може да прими и по десет производи за помош или олеснување на симптомите. Цената варира и зависи од тоа кој фармацевтски производител ќе го одберете.
Ова е најчесто бараната терапија за оние што се позитивни на Ковид-19:

- Антивирусен лек за имунитет изопринозин чини околу 900 денари за 8 дена
- Витамин Ц (1.000 мг) е до околу 800 денари за 100 таблети
- Витамин Д3 од 300 до 500 денари - 60 таблети
- Цинк 15 мг - до околу 600 денари - 60 таблети
- Магнезиум - цената почнува од околу 7 денари за таблета или 20 денари за прашок
- Лек против прилепување и згрутчување на крвни плочки – околу 120 денари
- Пробиотик - околу 200 денари
- Ибупрофен – околу 120 денари
- Парацетамол - 20 денари
- Спреј против афти - 200 денари
- Спреј за нос - околу 200 денари и повеќе
- Б-комплекс - околу 100 денари
- Бета-глукан - околу 1.000 денари

Висока е и цената на антибиотикот азитромицин, кој најчесто се препорачува од страна на матичните лекари доколку се посомневаат во бактериска компликација и доколку се купува приватно, па две дози се околу 900 денари. Во некои случаи на пациентите им се препорачува и втор антибиотик, кој приватно чини околу 500 денари. Овие антибиотици следуваат на државен трошок за пациенти со уредно здравствено осигурување.
Покрај терапијата, граѓаните реагираат и за високата цена на ПЦР-тестовите, особено ако не можат да добијат термин преку матичните доктори за брзо време.



Ем стрес, ем трошок

Бојан Кордалов од Скопје, специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, по 23 дена откако открил дека се соочува со Ковид-19 добил негативен брис. Вели дека домашното лекување чини многу пари, па покрај психолошкото оптоварување и неизвесноста што ја носи болеста, дополнително исцеден и оптоварен е и домашниот буџет.

- Лекувањето чини. Само првата нарачка која доцна вечерта морав да ја направам по препорака на лекарите чинеше речиси 100 евра. По препорака на матичен лекар купив изоприназин, витамин Ц 1.000, витамин Д3, цинк 50 мг, магнезиум директ, аспирин 100 протект, азитромицин, пробиотик, ибупрофен (во случај на болки), парацетамол (во случај на температура), спреј за афти (поради болки во грлото во мојот случај), спреј за нос (поради затнат нос), Б-комплекс (ако се јави страв, несоница, тахикардија). На ова секако е потребно да ги додадеме и другите основни намирници во борба со вируси како чаеви, бонбони, сирупи за искашлување итн. - вели Кордалов.
Според него, важно во тој момент е да имаш некој близок кој веднаш може сè да ти купи и да ти донесе, но и да се грижи за тебе следните 20 дена, во однос на тоа да те снабдува со намирници и други работи.

- Во земја во која сиромаштијата е на толку високо ниво, апелирам и замолувам да се земе ова предвид и да им се помогне многу повеќе на сите на кои им е неопходна грижа и нега, а особено лекарства, суплементи и имунобустери. А бројките велат дека тоа се стотици илјади луѓе - вели Кордалов.

Четиричлено семејство троши и повеќе од 10.000 денари за лекување

Скопјанката Наташа чека да биде тестирана во текот на следниот ден зашто веќе има симптоми на Ковид-19, но и била во контакт со заболен, со нејзиниот татко. Таа и претходно редовно пиела витамини и разни суплементи како додаток во исхраната, а со оглед на тоа дека бројките на заразени постојано растат, се зголемува и можноста да се заразиме, па превентивно се обидувала да го зајакне имунитетот.

- Претходно редовно пиев витамин Ц 1.000, Д3 и магнезиум. Но откако во семејството ни се случи да имаме позитивен на коронавирусот, а и моето четиричлено семејство е во процедура за тестирање, ја зголемивме дозата на користење витамини и дополнителни суплементи. Само за основните витамини и првични лекарства, без соодветна антибиотска терапија, потребни за моето семејство, дадов речиси 10.000 денари. Само за сируп за имунитет за синот дадов 900 денари. За ќерката купив суплементи за 800 денари. Но, ова е само почеток на третманот. Ако се докаже дека сме ковид-позитивни, ќе треба да пиеме дупла витаминска доза, плус антибиотска терапија, а сето тоа ќе чини многу - вели Наташа.

Токму поради ова, се прашува како се лекуваат оние што имаат ниски примања, но и пензионерите со мали пензии.



Витамините се купуваат на приватен трошок

Д-р Тереза Маринова, матичен доктор од ПЗУ „Тетиковиќ“, секојдневно е во контакт со позитивни ковид-пациенти. Првичната терапија што им ја дава, откако ќе ги прегледа оние со полесни симптоми, се витамините, но ако имаат и одредени дополнителни состојби, им препишува и антибиотик, но не поради вирусот, туку поради дополнителни бактериски инфекции.

- Им препорачувам да пијат витамин Ц од 2.000, Д3 од 2.000 до 4.000, цинк, селен, препарати за зајакнување на имунитетот, како бета-глукан, дефендил, мултивитамини, мелатонин кај оние што имаат проблем со спиењето, нешто за смирување кај оние што се чувствуваат вознемирено и во паника - вели д-р Тереза.

Токму витамините се тие што се најважни во лекувањето на вирусите, како и на коронавирусот.
- Знам дека пациентите мора да ги купат витамините на приватен трошок. Им ги препорачувам, но не можам да им наложам колку ќе ги консумираат зашто и самата знам колку чини сето тоа, особено во случај кога треба да пијат двојна, па дури и тројна доза витамини на дневно ниво - посочува докторката.
Смета дека во тој период пациентите треба да внимаваат и на исхраната, односно да внесуваат повеќе зеленчук и овошје.
На асимптоматските случаи со позитивен ковид-тест им се препорачува само витамини.

Фото: Фрипик
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема