X
 11.11.2020 Наука

Лани учеството на БДП во науката било 0,35%, Царовска смета дека се потребни поголеми вложувања

Во текот на 2019 година БДП во науката учествуваше со 0,35%, а учеството на бизнис-секторот во науката било 0,10%. Во земјите од ЕУ овие вложувања изнесуваат во просек околу 1,8% од БДП, а тенденцијата е да станат околу 3%. Министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека заложбите на МОН се да се зголеми учеството на БДП во науката.

Таа по повод Светскиот ден на науката, 10 Ноември, учествуваше на онлајн панел-дискусија за развојот на научната дејност во Македонија. Дискусијата ја организира Комисијата за наука при Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а беше во насока да се увидат состојбата, местото и иднината на научната дејност во државата.

- Научноистражувачката дејност е многу значајна за развојот и напредокот на сите сегменти на општеството, затоа сметам дека како Влада треба да посветиме посебно внимание на унапредување на нашата наука. Овие дискусии се многу значајни за да ја согледаме важноста за вложување во науката, но и да се поттикне соработката помеѓу академските, научноистражувачките установи, приватниот сектор и институциите - рече Царовска.

Таа додаде дека се работи на планско и континуирано обезбедување средства за науката преку грантово, проектно и програмско финансирање.

- Од годинава првпат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари кои треба да го поттикнат развојот на науката во нашата држава. За 23 од доделените апликации, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе ги обезбедува потребните услуги, 9 ваучери му се доделени на Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, а 2 на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Преку овие иновациски ваучери, кои ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна, вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна, им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност - рече Царовска.

Според најавите, МОН од идната година ќе воведе поддршка за национални истражувачки програми, а се очекува во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Закон за научноистражувачка дејност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука