X
 11.12.2018 Култура

Благој Веселинов влезе меѓу 10. талентирани „европски филмски ѕвезди“

За претстојниот Берлински филмски фестивал (8-11 февруари 2019) актерот Благој Веселинов е избран меѓу десетмина актерски таленти од Европа и ќе учествува на програмата „Европски филмски ѕвезди“.
Главниот актер на филмот „Исцелител“ ќе има можност да се сретне со важни професионалци од меѓународната филмска сцена. Оваа програма се реализира 22. година, а член на жирито е и македонската режисерка Теона Стругар-Митевска.

Во рамките на оваа програма Македонија досега учествувала со две актерки – Лабина Митевска (1998) и Наташа Петровиќ (2011).
Веселинов ќе биде во друштво на пет актерки и четворица актери. „Филмските ѕвезди“ ќе можат да се сретнат со каст-директори, продуценти и режисери, да создадат лични контакти и мрежи што можат да им помогнат во нивната меѓународна кариера.
На церемонијата на доделување на наградите во Берлинале Паласт, на 11 февруари, ќе им биде врачена и наградата „Европски филмски ѕвезди“.
Во објаснувањето на жирито за секој од избраните актери, за Веселинов стои:
- Македонскиот актер Благој Веселинов нè убеди со својата длабока и неочекувана сензитивност во многунаградуваниот „Исцелител“.

Благој Веселинов

Веселинов веќе има снимено десетина краткометражни и долгометражни филмови, меѓу кои: „Како да ме нема“, „Панкот не е мртов“, „Балканот не е мртов“, „Година на мајмунот“, „Ослободување на Скопје“ и други.

Оваа програма ја финансира МЕДИА програмата на Креативна Европа. Ова е најстарата и најпрестижната иницијатива за промоција на европските таленти. Од 1998 година 303 млади таленти биле промовирани.

Покрај Стругар-Митевска, членови на жирито што ги избра талентите годинава се: американската кастинг-директорка Ејви Кауфман, филмската критичарка Тара Карајица од Србија, продуцентот Макдара Келехер од Ирска и исландската „Филмска ѕвезда“ од 1999 година, Ингвар Сигурдсон.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура