X
 29.07.2019 Наша тема

Кога бев студент со Теона Стругар-Митевска: Во Њујорк миев садови, бев келнерка, чував деца, врамував слики...

о првата година кога се подготовував за првата филмска вежба, не бев никако во состојба да го завршам сценариото за краток филм. Тогаш проф.Фрумин ми кажа: „Ако не го завршиш сценариото во следните два дена, твоето место не е тука“. Тој викенд седнав и го напишав моето прво вистинско сценарио и оттогаш не запрeв – вели нашата режисерка во рубриката „Кога бев студент“, што Факултети.мк ја реализира заедно со „Пивара Скопје“


Теона и Лабина на доделувањето на наградата на Берлинале за филмот „Веда“

Љубопитноста и упорноста отсекогаш биле нејзини карактеритики. Од мала била тврдоглава и бунтовничка. Режисерката Теона Стругар-Митевска е нашиот избор за соговорничка за рубриката „Кога бев студент“ за месецов. Режијата и се наметнала од мала, растела со уметност, глума, сликање и прашање било на брза одлука дека сака да биде филмска режисерка. 
Амбицијата ја одвела во Америка, каде дипломирала на Факултет за визулни уметности во Филаделфија, а последипломски студии завршила на Њујоршкиот универзитет – на Tisch School of the Arts-Graduate Film Department.
2019-та е дефинитивно нејзина ѕвездена година. Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го сврте вниманието на европската и на светската филмска јавност. Последен голем успех на филмот е информацијата дека е меѓу трите финалисти за престижната европска награда „Лукс“, што ја доделува Европската комисија.




Почетоци со глума од мали нозе

Теона од мала глумела во неколку култни детски серии и ТВ-филмови („Црвено, жолто, зелено“, „Автограми“...„Кате на тате“ со Ненад Стојановски) на МРТВ, како дел од детската радио-драма. Снимила и неколку реклами и тогаш одлучила дека би сакала да биде таа што ќе одлучува во однос на едно уметничко дело.
- Се запишав во филм-клубот при пионерскиот клуб на Партизанска, снимавме на „Супер 8“. И режисерот Дарко Митревски беше дел од истиот клуб. Потоа се запишав во Средното уметничко училиште - сликарство, па на Факултетот за визуелни уметности во Филаделфија и на крај последипломски во филмската уметност – вели Стругар-Митевска.
Таа се потсеќа на своето детство и на книгите што ги добивала како подарок во семејството. Биле опкружени со уметност, а првата книга што ја добила од нејзините родители била „Животот на Леонардо да Винчи“.
- Втората книга што ја добив беше за Рафаел, потоа го проучувавме Бројгел и Дирер, го читавме Толстој, Чехов, Достоевски и Лермонтов. Главниот виновник за култивирање на љубовта кон филмот е нашиот татко, тој инсистираше да ги гледаме Фелини, Десица и Бергман, но сепак, љубовта кон филмот за мене лично дојде подоцна, откако ги пробав сите други форми, почнувајќи со глумата, сликарството, вајарството, преку фотографијата, графичкиот дизајн и, најпосле, филмот – истакнува Теона.


ипендија за врвниот универзитет

Таа била научена да се бори за работите што ги сака, но и да се спротивставува на неправди.
- Првите две години ги поминав во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од каде си заминав. Не дека не бев добра ученичка - тоа секогаш бев, но не можев да поднесам хипокризија, непотизам и неправда, а тогашниот систем не беше подготвен да ја прифати мојата искреност. Трета година средно завршив во Средното уметничко, насока сликарство. Тоа лето отидов во Лондон, бев дел од програма за изучување на англискиот јазик и откако се вратив во Македонија, решив дека морам да заминам. Сфатив дека светот е голем, а јас бев љубопитна да го разоткријам. Четвртата година ја завршив во Сиракјуз, Њујорк и оттаму ми се отворија вратите за факултетско школување во САД. Добив стипендија да студирам во Филаделфија – се потсеќа Стругар-Митевска.



По Филаделфија и Флорида, каде биле дел од студиите, таа се запишала на престижниот оддел на Њујоршкиот универзитет - Тisch School of the Arts-Graduate Film Department.
- Филмската програма на Њујорк универзитетот е многу ригорозна. Првата година правевме два филмa: документарен и игран и двата на 16мм лента, втората година игран филм во боја на 35мм лента. „Вета“, мојот краток филм кој на некој начин и ја започна мојата кариера со тоа што беше прикажан на Берлинскиот филмски фестивал е филм кој го снимив во втората година од студиите. Третата година е година за подготовка на дипломскиот филм. „Како убив светец“ би можел неофицијално да се квалификува како мој дипломски филм. Тогаш постдипломските траеја три години, сѐ уште не беше актуелен Болоњскиот систем во образованието – се потсетува нашата режисерка.


Предавања на Скорсезе, Михалков, Ален

Имала плејада врвни професори од кои многу научила - Борис Фрумин, Ивет Биро, Бил Рејли, Спајк Ли, Лоџ Кериган. Секоја недела имале мастер-класови со големи режисери како Мартин Скорсезе, Вуди Ален, Лин Рамзи, Лион Шрибер, Сидни Ламет, Никита Михалков и многу други.
- Што е интересно е дека сите тие луѓе се, пред сѐ, големи работници и имаат неисцрпна енергија и љубопитност кон животот и сѐ што ги опкружува. Многу рано сфатив дека работата и искреноста во креацијата е клучот на доброто уметничко дело – категорична е Теона.

Професорите Фрумин и Кериган имале најголемо влијание врз неа. 
- Борис ми ја пренесе формата на филмската уметност, додека Лоџ - современиот аспект. На пример, во првата година од студиите за време на подготовките на првата филмска вежба, не бев никако во состојба да го завршам сценариото за краткиот филм што го спремав. Тогаш Борис ме повика во неговата канцеларија и ми го кажа следното: „Теона, ако не го завршиш сценариото во следните два дена, твоето место не е тука“. Тој викенд седнав и го напишав своето прво вистинско сценарио и оттогаш не запрeв. Се работи за мојот прв филм „Зошто е лута Бети Буп“. Тогаш сфатив дека она што не може да те убие, те прави посилен и оттогаш функционирам токму на тој принцип: не им придавам преголемо значење на препреките и секоја пречка ја сфаќам како поука и енергија за понатаму – вели Стругар-Митевска.



Била прогласена за најдобар студент

И покрај тоа што имала стипендија од самиот факултет, Стругар-Митевска вели дека тоа не било доволно за да живее нормално во Америка.
- Моите родители не беа во можност да ми помогнат. Затоа учев и работев во сето останато време. На крајот, сепак, завршив како студент на генерација! Работев сѐ и сешто: бев келнерка во ресторан, работев во галерија/врамував слики, бев и касиерка во пицерија, сервирав коктели, чував деца, работев во кујна, миев садови, работев како ранер на филмски сет, асистент на камера, асистент на продукција, скриптерка, бомер итн. Од искрениот труд човек не смее и не треба да се срами!
Забавата е составен дел од животот на секој студент, без разлика каде се образува. Така било и со Теона.
- Се забавував, излегував и лудував како и секој млад човек. Eден пријател, инаку сегашен филмски продуцент во Mакедонија, неколку пати ме посети во Њујорк и после некоe време ме нарече кралицата на Њујорк. Овој прекар го добив после едноставниот факт дека го познавав Њујорк и местата за излегување, како и луѓето преку кои може да се влезе на одредено место – вели режисерката.



Со синот Каелиок

Последипломските студии ги завршила во мај 2001 година, а си заминала од Њујорк еден месец по страшниот 11 септември.
 Причината беше едноставна - откако го направив „Вета“ имав голем успех и многу тамошни продуценти ме контактираа и секој пат кога ќе пичував прикаска (презентира, н.з), тие велеа прикаската е одлична, но дали би можеле да ја снимиме на англиски јазик. Тогаш сфатив дека моето место е во Европа. Исто така, 11 септември остави голем емотивен печат врз мене, како и врз сите нас. Бев во вториот месец на бременостa со мојот син Каелиок и едноставно не ја гледав мојата иднина таму – вели Стругар-Митевска. 
Така и се случи. Сите свои долгометражни филмови, таа досега ги сними во Македонија, но и во други европски земји-копродуценти.


 



Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема